
Седум години за време на Заевци беше стопирана изградбата и отворањето на црквата Свети Константин и Елена во центарот на Скопје. Не знам од кои причина – злоба, недостаток на разум, забеганост… можете да редите илјадници причини, но тоа не го менува фактот дека црквата седум години беше стопирана, пишува во својата колумна Дарко Јаневски која ја пренесуваме во целост.
И само ова е доволно да се сфати таа ментална комуњарска матрица која ја кочеше државата. Пресликајте го ова со црквата на сите полиња и ќе ја добиете денешната закочена држава.
А, не е само Заев. Илјадници се во прашање, илјадници кои стоеја зад него и го поддржуваа. Му ракоплескаа, се гребеа од него, од неговата власт и неговите луѓе, трчаа по амбасади и земаа пари за со него заедно да ја предадат Македонија, да го предадат македонскиот народ, да ги предадат сите граѓани на оваа држава… за да си завршат своја работа, да се догребат до функција, да свртат некое проектче, да ќарат – кој милиони, кој „чорба за пеесче“. Црквата беше само еден дел, едно камче во тој предавнички мозаик на дното на македонското општество во кое влегуваат и т.н. интелектуалци, универзитетски професори и дузина, дузина т.н. новинари заедно со нивните газди – олигарси, кои сега глумат некаква професионалност, а ако треба и подаништво кон новата власт кое таа здушно го прифаќа.
И не еднаш сум напишал, ама ќе продолжам со секој ред, со секој нов ден, секоја делник и празник, додека не си досадам и на себеси и на вас и на Господ, дека нема реформа на македонското општество се додека оваа збирштина не почне да се третира како туѓо ткиво на телото. Додека не се создаде имунолошки систем што тоа туѓо ткиво ќе го исфрли, ќе го препознае и ќе го исфрли од телото. Ќе го нападне со сите сили, со сите средства, со се што стои на располагање, за да го смести и остави таму каде што припаѓа – на дното.
Самиот Заев е друга приказна. Листата на негови гревови е долга речиси колку што се долги Библијата и „Војна и мир“ заедно, и можеби најдобро е да се почне од врвот на тоа туѓо ткиво на македонското општество. Да се прати порака кон сите – еве што ќе се случи ако станете предавник. Ако таквите бидат оставени на мира, макар тоа било барање од Трамп, Путин и Си Џипинг заедно, тогаш си потпишуваме смртна пресуда. Ај што ќе ја потпишеме за нас, толку ни „фаќа“, ама ќе ја потпишеме и смртната пресуда за нашите деца. Може да се менуваат властите, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ДУИ, колку што сакаат, ама ако овие останат горе, ние сме ги осудиле децата да бидат робови на таа кодошко-предавничка банда која и натаму ќе глуми елита и чии деца ќе им велат нашите да јадат колачи, ако веќе немаат леб, додека тие ни праќаат слики од Монако.
Втората работа за овие неделни редови е изговорот дека постапката за проверка на осумте досиеја доставени до стручната комисија на Министерство за здравство не може да продолжи со ангажирање на странски експерти зашто бил период на избори. И било забрането ангажирање на нови лица.
Е, тоа не е точно. Законот за антикорпуција, на пример, во член 34 став 1, точка 2 забранува да се вршат вонредни исплати, но не забранува да се ангажираат вакви лица, а да се исплатат подоцна. Елегантно решение кое ќе ни го реши проблемот.
Второ, истиот член во следната точка дозволува вработување на нови лица, ако тоа се бара поради „итни и неодложни работи“. Па, ако треба, а треба, вработете ги тие странски експерти на одредено време. Задоволете ја формата. Зашто поитни и понеодложни ситуации од оваа нема. И фатете ги за уши Коцевски, Бубевски, Фатиме и другите компањони на Катица Јанева кои натрупаа милиони, а потоа ги сместивте да го трујат постојното ЈО и нека седнат да го работат ова. Кога веќе досега не ги ифрливте од Обвинителството, барем нека работат некоја корисно општествена работа. Се разбира, под надзор на некој професионалец од ЈО. Ако треба и тим на професионалци. Кои секако ги има/
Зашто без расчистување на овој случај, без расчистување на новите пет случаи (моите информации велат дека некои од случаите под кои се потпишаа 16 домашни експерти во областа на кардиохирургијата и кардиологијата веќе се потврдени), бадијала зборуваме за било што.
Како што гледате, листата на работи од кои треба конечно да се почне е долга. Всушност, едноставно не знаете од каде да тргнете, што попрво, што поприоритетно. Оти, по кој знае кој пат ќе го цитирам Тошковски – каде и да свртите – гнило е. И, или ќе почнеме да го отстрануваме тоа гнило ткиво, кое, како што реков, опфаќа и „интелектуалци“ и професори и новинари и бизнисмени, судии, обвинители, уставни судии… или збогум Македонијо. Зашто, не знам дали сите сфаќаат – ова и е последната шанса на оваа држава да стане тоа што треба да биде – држава.
Патем, кога веќе го споменав Тошковски, истата таа банда не се откажува од кампањата против него, повторно во случајот со убиената Росица. Мислите дека туку-така се појави онаа фалсификувана наводна СМС порака од Росица до него? Мислите тука-така е и синоќешната кампања против Силјановска за фотографирањето со Трамп и сопругата?
Не, тоа е смислен акт на овие структури за кои Коцевски е супер, СЈО е супер, Кацарска и Рускоска се супер…, можам до утре да редам, само и само уште да ги внесеме Бугарите во Устав и ќе го имаме авиончето со Никола Димитров, Бујар, Заев, Анѓушев, како ни креваат прст со радосни вести дека еве, уште утре, Фон дер Лајен ќе не седне во нејзниот топол скут.
После што ќе го одврзе ќесето и овде ќе почнат да течат милијарди. Се разбира, под услов Јаневска да напише во учебниците дека не постојат само два пола, туку десетина, дека ако си припадник на ЛБГТ заедницата имаш предност при вработувањето, дека на децата од шест месеци треба да им дадеш Фајзер или Модерна против Ковид, дека треба да примиш стотина илјади мигранти и да ја смениш структурата на населението, зашто во меѓувреме треба да ги извезеш твоите млади во Германија или било каде на запад, дека треба да ја оставиш на мир судско-обвинителската мафија, дека обвинителката и судијата од Велес кои го ослободија убиецот на Росица (хмм, тој двоец е носител и на еден случај со палење на викенд куќа во близина на Богомила, а нарачателот се чини дека е под заштита) треба да си ја накриват капата и да продлжат таму каде што застанале итн итн.
Накратко кажано, тоа е тоа. Ми вели еден пријател: „такво време дојде што никој не чита, па дури и твоите колумни се чинат предолги“. Па, ќе го послушам и овде ќе завршам за денеска. Иако, само пет минути потоа ќе ми дојдат на памет уште десетина нешта што сум ги испуштил. Како, на пример, небулозите од некакво си здружение на судии со кои го искараа Мицкоски дека критикувал неправосилни пресуди.
Види богати! Ама здравје, ајде за нив следниот пат!