
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ (Lufthansa) најави дека ќе укине 4.000 работни места до 2030 година, како дел од планот за зголемување на профитабилноста.
Укинувањата на работните места пред сè ќе биде во Германија и на административните, а не на оперативните позиции. Тоа ќе биде најголемо намалување на работната сила од пандемијата Ковид-19 и ќе биде спроведено во консултации со социјалните партнери.
Групацијата Луфтханза неодамна имаше околу 103.000 вработени. Компанијата сега се стреми кон оперативен профит, усогласена заработка пред каматите и даноците (ЕБИТ), од осум до 10 проценти од приходите, во споредба со претходната цел од осум отсто.
За оваа година, менаџментот изјави дека очекува усогласената ЕБИТ значително да ги надмине минатогодишните 1,6 милијарди евра
Групацијата Луфтханза управува и со „Свис“ (Swiss), „Аустриан“ (Austrian) и „Бриселс ерлајнс“ (Brussels airlines) и има малцински удел во италијанската „ИТА“.