
Со голем проект преку Јавното претпријатие за државни патишта, се реконструира патот од Мушов гроб кон село Конопиште, што треба да не однесе до нов граничен премин со Грција, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на општина Кавадарци Тој при тоа најави дека се планира градот со една отсечка да биде поврзан и со брзата пруга на Коридорот 10.
Јас пред неколку часа се вратив од Атина и една од темите што ги имавме таму, беше отварање на нов граничен премин и имам една заложба дека тоа ќе се случи. Таму исто така ја потврдивме и заложбата за изградба на брза пруга по коридорот 10, затоа што таа ќе има смисла, само доколку е за сите држави. Од Атина до Солун е веќе изградена, треба да се гради од Солун нагоре кон Гевгелија. И можам да најавам дека планираме да има една отсечка, што Кавадарци ќе го поврзува на брзата пруга, со патнички и товарен сообраќај – истакна Николоски.
Тој се осврна и на други нови проекти, како обиколницата на градот, што се проектирала и ќе била реализирана, како и поврзувањето помеѓу Кавадарци и Неготино преку селото Дисан. Се разговарало и за реконструкција на спортската сала во Кавадарци.
Николоски изрази задоволство од посетата, во рамки на која можеле да се видат бројни реализирани проекти, нагласувајќи притоа дека Кавадарци е шампион во реализација на проекти.
Од Првиот повик преку унгарскиот заем за инфраструктурни проекти, во Кавадарци реализирани се неколку проекти; реконструкција на пристапен пат за месноста викана Косовец, село Ресава во вредност од 12 милиони денари, потоа линиски инфраструктурен објект локален пат од село Ресава до село Дабниште во вредност од 25,2 милиони денари, на улицата 8 Септември во вредност 9,1 милион денари, локален пат за село Чемерско во вредност од 8,8 милиони денари, како и изградба на кружен тек на Р1107, надвор од опфат пред влез во град Кавадарци чија вредност е 11,3 милиони денари.
Со вториот повик за инфраструктурни проекти, беше посочено, аплицирани се проекти за мост преку река Луда Мара до село Марена со вредност од 11,8 милиони денари, изградба на објект со намена Б2 во вредност од 26,5 милиони денари, изградба на улици, потпорна конструкција и расвета на улица „Ѓорѓи Соколов” – краци во вредност 25,5 милиони денари, како и гасификација на Кавадарци – фаза 1 дистрибутивна мрежа, вредност од 36,5 милиони денари
Преку ЈПДП, во Кавадарци се реализираат два проекта. Реконструкција на регионален пат Р29171, делница Мушов гроб – Конопиште, во должина од 6,5 километри и вредност од 44 милиони денари. За две недели се очекува да се заврши и изработката на проектна документација за изградба на обиколница на Кавадарци.