
Најновата закана на лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека доколку Македонија не го продолжи својот пат кон ЕУ, дел од граѓаните ќе одат со Албанија, а другите со Бугарија, е директна закана за територијалниот интегритет на државата и повик за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, велат од Демократски сојуз.
Од партијата го повикуваат Јавниот обвинител да отвори истрага и да покрене соодветна постапка против Али Ахмети за загрозување на уставниот поредок на државата и нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет.
Претседателот на ДУИ, барајќи спас од кривичен прогон на неговата одметната криминална партиска врхушка, веќе подолго време работи на поделба на граѓаните – на оние кои се наводно определени за европскиот пат и оние кои се божем против. Притоа сака да прикаже дека Македонците, за разлика од Албанците, не сакаат членство на државата во ЕУ. Но откако не успеа да докаже дека ДУИ е ексклузивен легитимен претставник на Албанците во власта, Ахмети реши да отиде чекор подалеку – и да ги повика Албанците да одат во ЕУ со Албанија, а Македонците – со Бугарија!? Ова, меѓу другото е и злонамерна сугестија на поранешниот командант на УЧК, дека мнозинството Македонци би прифатиле да станат Бугари само заради членство во ЕУ.
И покрај тоа што огромното мнозинство граѓани на Македонија нема да го послушаат овој очајнички предизборен повик на Ахмети за поделба, Демократскиот сојуз го повикува јавниот обвинител да преземе соодветни дејствија, потсетувајќи дека тој во 2001 г. со својата одметната вооружена банда ја нападна државата истакнувајќи територијални барања, поради што подоцна беше амнестиран. Кривичното дело сега го повторува со повик за поделба на Македонија. Тоа не смее да помине неказнето, се наведува во соопштението на ДС.