
Семејството на Теодора Ристовска, со длабока болка и бес ја известува јавноста дека Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово, со која обвинетиот Менсур Пајазити од с. Голема Речица е прогласен за виновен и осуден на две години затвгор за кривичното дело што го одзеде животот на нивната ќерка и сестра.
-Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши. Обвинетиот во жалбата се повикува на интересот на јавноста и на владејачката партија како фактор за “превисоката” казна, но тој интерес е многу природен — затоа што кога млад живот е згаснат, секој е потресен. Ако судството не беше труло и корумпирано, никому немаше да му пречи овој интерес. Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза, велат од семејството на Теодора.
Тие велат дека не бараат привилегии, бараат човечност и фер однос — она што му припаѓа на секој граѓанин.
-Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот, туку и самиот систем. Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој кој знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност. И покрај тоа што понатамошниот правен пат до Врховниот суд зависи од Јавното обвинителство, ние нема да молчиме. Ќе продолжиме да бараме одговорност и да сведочиме пред јавноста дека оваа неправда не смее да остане без последици. Трагедијата на Теодора ќе остане наша вечна болка. Но срамот на оваа пресуда му припаѓа на правосудниот систем. Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва. Правдата мора да биде видлива, опиплива и вистинска. Животот на Теодора не е бројка во досие — тоа е нашата вечна рана. И нема да престанеме да бараме правда, за да покажеме дека жртвите не се оставени сами. Со почит и болка, семејството на Теодора Ристовска, велат тие.
На 7 април 2025 година на повтореното судење за смртта на Теодора Ристовска во сообраќајна несреќа, обвинетиот Менсур Пајазити ја призна вината и по изведување на докази и завршни зборови, беше осуден на казна затвор од две години. Виновен е затоа што на 15.08.2022 година во Тетово, како учесник во сообраќајот не се придржувал до прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Управувал возило „БМВ“ и се движел по булевар, со брзина од 59 километри на час, која брзина не е прилагодена на условите на патот за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот сега покојната Теодора Ристовска која поминувала на обележан пешачки премин, гласи пресудата од април.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 по признавање на вина Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.