
Фактот што „Силјан“ е купен од „Нешнл џиографик“ за мене е апсолутно најголемо животно достигнување. Една од причините зошто сум документарист е токму поради „Нешнл џиографик“, изјави македонската режисерка Тамара Котевска, чиј трет документарен филм „Приказната за Силјан“ е откупен за прикажување од „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци.
Буквално како мала седев пред трафика, чекав да отвори за да купам списание еднаш месечно што излегуваше. Сонував да бидам дел од тие авантури, да можам да го работам тоа еден ден. Тоа би било најголемата мотивација, меѓутоа и многу недостижно нешто. Што и да правиш, не можеш да стигнеш до ‘Нешнл џиографик’. И сега кога тоа се случи, тоа за нас беше најголемиот шок, најголемата потврда што може да ја добие еден документарист, особено што се занимава со соодонос меѓу човек и природа. Овој филм е избран од нив да оди во кампањата за Оскар за документарен филм, а притоа оваа година го купија и филмот на Херцог, меѓутоа нашиот го избраа за кандидат за Оскар“, изјави Котевска на минатоноделната средба со новинарите.
„Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм за 2026, а како што кажа Котевска, годинава повторно ќе се случува двојна камапања за Оскар, како што беше случај со „Медена земја“ во 2020 година.
После светската премиера во Венеција, надвор од конкуренција за награди каде што учествуваа реномирани автори како Вернер Херцог и Софија Копола, каде што не очекувавме награда и бевме навистина пријатно изненадени, следеше американската премиера на фестивалот во Торонто. Во тоа време ни јавија од Македонија дека едногласно сме изгласани за македонски кандидат за Оскар. После неколку дена дојде веста дека ‘Силјан’ е купен од ‘Нешнл џиографик документари филмс’ и дека ќе оди и во документарното натпреварување за Оскари, така што годинава повторно ќе се случува двојна кампања за ‘Силјан’, како што беше случајот со ‘Медена земја’, кажа Котевска на прес-конференцијата која се одржа минатата недела.

„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк. Филмот е 90 отсто снимен во Македонија (Чешиново, Гевгелија, Стојаково,…).
Котевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој заедно го режираше со Љубомир Стефанов, а кој во 2020 имаше историски две номинации – и за најдобар странски филм и за најдобар документарец.
Откупот од „National Geographic Documentary Films“ значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на „National Geographic“ и „Disney+“ со силна маркетинг и фестивалска поддршка. За македонски филм, ова е историски успех затоа што станува збор за институција која стои зад добитници на „Оскар“ и „Еми“, а самиот факт што ја препозна „Приказната за Силјан“ е доказ за неговата универзална вредност. Паралелно со договорот со „National Geographic“, дел од правата за „Приказната за Силјан“ ги превзема британскиот „Dogwoof“, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на „Оскар“ и „Бафта“. „Dogwoof“ ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.

Кинематограф и продуцент е Жан Дакар, продуценти се Ана Хашми и Јорданчо Петковски. Продуцентски куќи се: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и Филмоскопија. Монтажата е на Мартин Иванов. Музиката е на Џо Вилсон Дејвси и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio). Консултанти за наратив се: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz.
За неколку недели треба да се знае кога „Силјан“ ќе биде премиерно прикажан пред македонската публика.