Skip to main content

Мицкоски и Али Рашед Лута: Да ја продлабочиме нашата соработка

Влада

Денес во Владата се одржа работна средба на која присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, претставници од бизнис заедницата и Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи.

На средбата премиерот Мицкоски информираше дека приоритет на Владата е економската стабилизација на земјата, односно како што рече тој да донесеме што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.

Прво би сакал да ве информирам дека во текот на изминатите четири квартали, дојдовме до раст на нашиот домашен производ од нас 3%. Оваа Влада беше избрана пред околу 15 месеци и од самиот почеток нашиот најголем приоритет е економската стабилизација на земјата. Би сакале да се претставиме како Влада којашто е ориентирана кон бизнисот, којашто сака да ги поддржува деловните и бизнис можностите. Да донесе што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори. Резултатот на таквите активности е значителен раст на инвестициите во текот на изминатата втора половина од минатата година и првата половина од оваа година споредено со истиот период во претходните години. Третиот квартал во 2024 дојдовме до 3% раст на БДП, во четвртиот 2024 и првиот квартал од 2025 3,2%, а во вториот квартал дојдовме до 3,4% вистински раст на БДП. Имаме номинален раст од 7,8% што е нешто многу важно за сите нас бидејќи на самиот почеток кога го обликувавме нашиот буџет за оваа фискална година, некои од меѓународните финансиски институции беа мошне загрижени дека нема да можеме да дојдеме до 7,5% на номиналниот БДП. Но, дојдовме и над 7,5%, а тоа за нас е многу важно. Го забрзуваме градежништвото, туризмот, земјоделството, а особено внимание посветуваме на извозот на земјоделски производи коишто се произведени од нашите земјоделци и сметам дека до сега добро ни оди. Ја консолидиравме економијата и создадовме добра бизнис клима. Веќе нема политичари коишто вршат притисок врз бизнисите. Тоа беше мојот прв чекор, да ги ослободам бизнисите од надворешните политички притисоци – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека доколку се анализира европскиот пазар тогаш може да се заклучие дека Македонија има неверојатно достигнување

Европскиот пазар се соочува со огромни предизвици, особено кога станува збор за автомобилската индустрија. Сметам дека за сега ние нудиме добри решенија и сметам дека вашата идеја да се најде друг прозорец за можности особено на африканскиот пазар кога станува збор за резервни делови за автомобили е навистина добра идеја – рече Мицкоски.

Во однос на туризмот премиерот Мицкоски истакна дека во изминатите 7 месеци од почетокот на оваа година имаме раст од 15% кога станува збор за посетителите и 10% кога станува збор за преноќувањата.

Би сакал да истакнам дека и туризмот е дел од нашите приоритети. Во изминатите 7 месеци од почетокот на оваа година имаме раст од 15% кога станува збор за посетителите и 10% кога станува збор за преноќувањата. Би сакале да дојдеме до 1,5 милиони туристи во текот на целата година и зголемен број на преноќувања во текот на целата година. Нема да бидам изненаден ако дојдеме и до 4% зголемување на БДП кон крајот на третиот квартал на оваа година. Консолидацијата на буџетот е веќе при крај. Сметам дека буџетскиот дефицит ќе биде помал од 4%, капиталните трошоци се на добро ниво – нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека Владата е насочена кон изградба на автопатишта, брзи патишта, училишта и други проекти значајни за граѓаните.

Секако градежната индустрија и капиталните трошоци се поврзани со градењето на автопатишта, брзи патишта, училишта и друг вид на капитални трошоци коишто се наш приоритет, нагласи Мицкоски и додаде: Стапката за инфлација во Јули беше околу 4% ма годишно ниво, на месечно ниво имаме 0,2%. Очекуваме до крајот да имаме просечна инфлациска стапка од околу 4 или помалку од 4%. Ќе продолжиме да работиме на консолидирање на инфлациската стапка до 3% што ќе биде наша цел на краток рок. Затоа сметам дека овие показатели можат да бидат добра препорака.

Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи на средбата истакна:

Растечката соработка меѓу Дубаи и Македонија ја одразува нашата заедничка амбиција да изградиме отпорни економии и да поттикнеме одржлив развој. Трговијата меѓу нашите пазари достигна вкупно 495 милиони американски долари во текот на изминатите пет години, нагласувајќи го долгорочниот тренд на позитивен ангажман и растечки можности. Овој моментум се одразува и во растечкото присуство на македонските компании во Дубаи во различни сектори – рече Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи на средбата истакна:

Неговата екселенција Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи додаде: Стопанската комора на Дубаи останува посветена на зајакнување на врските меѓу нашите деловни заедници и промовирање на инвестициски текови што ги унапредуваат нашите заеднички приоритети. Гледаме значаен потенцијал во ова партнерство и сме решени да осигуриме дека ќе донесе опипливи резултати преку проширена трговија и подлабока соработка за обликување на долгорочен просперитет на двата пазара.

Поврзани вести