Skip to main content

Mонструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани

ВМРО-ДПМНЕ со најостра осуда реагира на срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку дистрибуција на фотомонтажи и лажни обвинувања кон претседателот на Владата и кон други функционери, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие содржини беа објавени на интернет страницата ubijcitenakocani.com. Според јавниот WHOIS-извештај објавен на whois-страницата, доменот е регистриран вчера, на 16 септември 2025 година. Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните ‘name servers’ и регистратор, укажува на обид за анонимност и прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања, со цел политичка манипулација и сокривање траси кон вистинските иницијатори“, се наведува во соопштението.

За ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, обвинуваат од владејачката партија, кои со години ја злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели.

„ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна реакција на надлежните институции. Не сакаме да веруваме дека некој сака по уште еден пат да предизвика болка, овој пат преку гнасна политичка злоупотреба на оваа трагедија. Зарем Обвинителството ќе остане немо на вакви содржини кои директно шират омраза, дезинформираат и претставуваат закана за безбедноста на луѓето? Дали институциите ќе ги испитаат регистраторските траги и ќе утврдат кои стојат зад анонимната веб-страница и кој ги нарачал овие монструозни материјали?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Јавноста мора да знае, се додава во соопштението, дека обидот да се оцрни политичкиот противник преку вакви монструозни конструкции не е ништо друго освен признание за немоќ и недостаток на идеи.

„Болката на семејствата мора да остане света и недопирлива, а не инструмент за најниска политичка злоупотреба. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на демократијата, дијалогот и решавањето на проблемите на граѓаните преку одговорни политики, а не преку ширење на омраза и лаги“, се заклучува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На веб-страницата ubijcitenakocani.com се појавија фотомонтажи со кои премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, се прикажани со крвави траги на лицата.

Самата веб-страница е насловена „Убијците на Кочани“, а во описот се наведува дека „овој дигитален споменик“ се поставува за, како што пишува таму, „да се знае дека Мицкоски, Тошковски и Јанев со својата корупција се одговорни за смртта на децата во Кочани кои загинале на 16 март 2025 година“. Текстот завршува со реченицата: „Нека почиваат во мир“.

Поврзани вести