Skip to main content

Гитарскиот виртуоз Курт Розенвинкел за првпат ќе настапи во Скопје заедно со Националниот џез оркестар

Гитарскиот виртуоз Курт Розенвинкел, кого Ерик Клептон го нарече „гениј“, за првпат ќе настапи во Скопје заедно со Националниот џез оркестар.

Концертот ќе се одржи на 1 октомври 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Националната опера и балет, под диригентство на маестро Владимир Николов.

The New York Times за него пишува:
„Со само неколку ноти, Курт Розенвинкел кажува повеќе отколку што многумина гитаристи постигнуваат за цела кариера. Непоколеблив истражувач кој зазеде единствено место во џез-светот со својата сложена и суптилна визија.“

Веќе три децении, Розенвинкел ја обликува современата џез-сцена со својот препознатлив стил и музичка длабочина. Од своите први настапи во Њујорк во 1991 година, тој се издигна како вистински иноватор, создавајќи албуми кои инспирираат генерации музичари и љубители на џезот ширум светот.

Неговата музика остава неизбришлив белег во историјата на гитарската уметност, а неговите живи настапи пленат со виртуозност и емоција. Фановите често велат дека Курт „ја оживува гитарата на начин што остава без здив“.

Во рамки на концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Курт Розенвинкел, аранжирани за биг-бенд оркестар.

Поврзани вести