
Во услови кога традиционалните медиуми се борат за опстанок и кога деновите кога во многу рурални области излегувањето на локален весник се носталгично сеќавање, се создададоа многу „новински пустини“ каде што цветаат дезинформациите, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање за „Состојбата на Европската Унија“ пред Европарламентот.
– Ова е многу опасно за нашата демократија, бидејќи информирани граѓани кои можат да веруваат во она што го читаат и слушаат се од суштинско значење за да ги држат одговорни оние кои се власт. Кога независните медиуми се распаѓаат или неутрализираат, сериозно е ослабена нашата способност да ја следиме корупцијата и да ја зачуваме демократијата, рече Фон дер Лајен.
Токму затоа, според неа, првиот чекор во „прирачникот за автократите“ е заробување на независните медиуми, бидејќи тоа овозможува назадување и криење на корупцијата.
– Затоа треба да направиме повеќе за да ги заштитиме нашите медиуми и независниот печат. Затоа ќе започнеме нова Програма за отпорност на медиумите – таа ќе го поддржи независното новинарство и медиумската писменост, рече Фон дер Лајен.
Таа најави повеќе средства во следниот буџет на ЕУ за дополнително финансирање и поддршка на независните и локалните медиуми.
– Слободните медиуми се ‘рбетот на секоја демократија и ќе ги поддржиме европските медиуми да останат слободни, истакна претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен се осврна и на социјалните медиуми, кои, како што рече, имаат многу придобивки за поврзување на луѓето, но создаваат и причини за загриженост, особено поради неограничениот пристап до нив на децата.
– Тие би можеле да бидат изложени на широк спектар на опасности. Онлајн малтретирање. Содржини за возрасни. Промовирање на самоповредување. Алгоритми кои ги искористуваат ранливостите на децата со експлицитна цел да создадат зависности. Цврсто верувам дека родителите, а не алгоритмите, треба да ги одгледуваат нашите деца. Нивниот глас мора да се чуе, рече Фон дер Лајен.
Според неа, како што пушењето, пиењето и гледањето содржини за возрасни е забрането до одредена возраст, треба да се размисли и за такво ограничување за социјалните медиуми.
– До крајот на оваа година ќе именувам панел од експерти за да ме советуваат за најдобриот пристап за Европа. Ќе пристапиме внимателно кон ова и ќе ги слушаме сите. Целата оваа работа ќе биде водени од потребата да ги овластиме родителите и да изградиме побезбедна Европа за нашите деца. Затоа што кога станува збор за безбедноста на нашите деца на интернет, Европа верува во родителите, а не во профитот, заклучи Фон дер Лајен