Skip to main content

Во КИЦ Белград за Денот на независноста се организира празничен концерт и ликовна изложба

Македонскиот КИЦ во Белград за 8 Септември, Денот на независноста, организира свечен празничен концерт со еминентни македонски музички уметници и ликовна изложба со десетина современи македонски ликовни уметници.

На 8 септември во 19 часот, ќе настапи Скопскиот дувачки квинтет во состав: Марија Јакимовска, флејта; Васил Атанасов, обоа; Ристо Ѓоревски, кларинет; Орце Ицковски, фагот и Александар Гошев, хорна.

На празничната музичка програма ќе бидат исполнети дела од Хајдн (Дивертименто), Фаркаш (Унгарски танци), Бизе (Кармен) и грст македонски композиции и обработки од Бранѓолица (Три пиеси), Прокопиев (Суита, Лабин и Дојрана), Агостини (Суита Македонија), Смокварски (Тешкото).

Скопскиот дувачки квинтет е познат македонски музички состав кој постои повеќе од 4 децении, бележи забележителни настапи на бројни познати музички сцени, а за својата работа членовите на квинтетот се наградувани со врвни државни музички награди и и бројни општински признанија.

На 10 септември, во 19 часот, во просториите на КИЦ Белград, во рамките на одбележувањето на Денот на независноста, во соработка со Националната галерија на Македонија ќе биде отворена и репрезентативна групна изложба од десетина познати современи ликовни уметници, под наслов „Простори на коњункција”.

Поврзани вести