
Фонтаната, што од 1872 година е историско обележје на плоштадот Синтагма во центарот на Атина по над едномесечната конзервација и чистење, одново е во функција, а според атинскиот градоначалник Харис Дукас, станува збор за прво одржување со помош на специјализиран научен тим во 153-годшшната историја на фонтаната што има статус на споменик, пишува дописничката на МИА од Атина.
Беше затворена месец и половина, а од општина Атина информираа дека во Одделот за културно наследство досега не е евидентирано научно одржување на фонтаната на која, освен оштетувањата со текот на годините, вандализмот и влијанието на временските услови имало и претходни аматерски интервенции и несоодветни чистења.

Мермерната фонтана има статус на споменик и согласно законот подлежи на соодветен режим на заштита, а по барање на град Атина, Дирекцијата за конзервација на антички и понови споменици при Министерството за култура и спорт изработи студија за конзервација, која беше реализирана од Одделот за културно наследство при Дирекцијата за урбанистичко планирање и животна средина на Град Атина, вклучувајќи го проектот во програмата „Конзервација на отворени скулптури на Град Атина“.

Историската фонтана на плоштадот Синтагма, бисер од 1872 година, изработена од пентелиски, добива нов живот. Првпат по 153 години, извршивме научно чистење на површините, како и целосна конзервација. Работите беа изведени со „хируршка“ прецизност од специјализиран стручен кадар. Станува збор за голем проект, што беше завршен со беспрекорен професионализам и почит кон историјата на споменикот. Фонтаната – симбол во срцето на Атина, го добива сјајот што го заслужува, рече градоначалникот на Атина, Харис Дукас.
На самата фонтана е изгравирано „Општина Атина 1872“ што ја означува годината на изградба, а според библиографијата авторот е архитект Ернсет Цилер, еден од најважните и најпознатите архитекти во Грција, кој кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, дизајнираше и надгледуваше изградба на стотици кралски и општински згради во Атина, Патра и други грчки градови.
Долниот дел од фонтаната се состои од 27 архитектонски елементи, со должина од 40 до 110 сантиметри (најголем дел од камените блокови се долги околу 100 сантиметри) и висина од 55 сантиметри.
Поради наклонот на теренот, фонтаната има вкупна висина од 60 сантиметри на горната страна од плоштадот и 88 сантиметри на долната страна.