
Уметничкиот директор на фолк вечерта на „Охрид фест- Охридски трубадури“, Љупчо Соколовски најавува богато издание на фолк вечерта со која ќе започне 32 издание на фестивалот, на 29 август, на сцената на „Долни сарај“.

И оваа година ќе видиме доста познати пејачи од македонската естрада. Ќе имаме 16 нови песни. Во оваа прилика некои адути нема да ги откријам, за да може да биде изненадување за публиката и на гледачите пред малите екрани. Ќе набројам само дел од учесниците: Горан Тодоровски, Мишко Крстевски, Благица Павловска, група ‘Чардак’ , Кирил Белистојановски, Петар Нечовски, Драган Николовски, Нино Величковски, Милован Секуловски, Лазе Јанкуловски, Софија Пуровска и Ивана Серафимовска. Ова се само дел од пејачите на овогодишниот фестивал, вели Соколовски.
Тој додава дека му е драго што оваа година има доста музичари од Охрид кои на најдобар начин ќе го изразат охридскиот мелос.
Исто така можам да се пофалам дека имаме различни автори застапени на фестивалот, што значи ќе имаме различни мелодии. Во ревијалниот дел ќе настапат Сузана Спасовска и Благоја Грујовски кои се присутни на „Охрид фест“ подолго време. Благоја Грујовски ќе настапи со песната ‘Ноќва Охрид не спие’ која беше победничка на минатогодишниот фестивал, а Сузана Спасовска ќе настапи со песната ‘Невеста охридска’ која за првпат ќе ја слушнеме на сцената на ‘Долни сарај“, вели Соколовски.
Тој изјави дека како и лани, и годинава ќе продолжи неговата заложба на фестивалот да доминираат мандолината, тамбурата, виолината и кларинетот, да се чуе старата охридска песна.
Како и мината година така и оваа година како уметнички директор на фолк вечерта, секако дека заложбата ќе биде на високо ниво како што беше и во минатите три години. Многу компетентни критичари во музичката фела и новинари дадоа позитивна критика дека фестивалот прерасна меѓу еден од најдобрите во нашата земја со квалитетни песни. Секако дека и оваа година фестивалот ќе биде на високо ниво, со одлични песни во духот на охридскиот мелос. Песните можеби се во помодерни аранжмани, но сепак ќе доминира звукот на мандолината, тамбурата, кларинетот и виолината. На сите учесници им посакувам успешен настап, порача на крај Соколовски.
Фото: Приватна архива/Охрид фест