Skip to main content

Научен симпозиум во Крушево: Не случајно Првото заседание на АСНОМ е одржано на денот на Илинденското востание, тоа е континуитетот на двата Илиндена

МИА

Неспорни се и бројни се фактите и аргументите за континуитетот на двата Илиндена, констатираа историчарите на научната трибина што синоќа се одржа во Крушево во рамките на националната установа „10 Дена Крушевска Република“.

Постојат бројни, индивидуални примери на активни учесници кои успеале да ги доживеат, или да бидат современици на двата Илиндена. Тоа, можеби, е посебен предизвик за нашата историографија која треба да ги обработи како тема и како проблематика, бидејќи секој еден учесник е приказна за себе, која дава ексклузивни докази за континуитетот и посебноста на двата Илиндена дека припаѓаат на македонскиот народ како одделна, засебна, етнолошка, културолошка, политичка, единица, целина, кој успеал да организира своја држава на овие простори. Ако се разгледуваат случаите меѓу двете светски војни, периодот на НОБ, па и периодот потоа, навистина се бројни и ексклузивни, вели д-р Зоран Богески, историчар, виш кустос во историски музеј „Крушево“.

Според професор д-р Александар Симоновски, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје, целта е да се објасни Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ од научен аспект: како тоа што започна во 1903 година беше предизвик за Народно-ослободителното движење во текот на Втората светска војна.

Сите тие мотиви што ги црпеше Комунистичката партија на Македонија од првиот Илинден се надоврзаа со првото заседание на АСНОМ, фактички, со борбата против окупаторот и круната беше – создавањето на македонската држава. И, не случајно, првото заседание на АСНОМ беше одржано на 2 август 1944-та година, бидејќи таа врска, нитка и традициите од 1903-та година беа испочитувани, како борба за создавање на македонска држава, вели Симоновски.

Но, потребни се и поголема едуцираност на населението и акцент во проучувањето, но и претставувањето и на меѓународен план, зашто некој сака да ја негира македонската посебност.

Системот и институциите треба да стават посебен акцент во проучувањето, докажувањето, документирањето, обработката, критичкиот пристап на овие настани и примери во нивното презентирање не само пред нашиот народ кој, за жал, историски не е добро образован, но и пред меѓународниот фактор. Бидејќи, очигледно, од настапите од соседните држави, кај нив постои насушна потреба овој посебен момент да биде негиран за да се добие легитимитет на нивниот наратив за да се негира македонската посебност, смета историчарот Зоран Богески.

Линина Жила од Институт за национална историја од Скопје потенцира дека Македонија мора да направи база на податоци, како во балканските земји, која ќе ги зачува личностите со посебен придонес за македонската историја. Имало барања и од Институтот за национална историја и од Државниот архив, но не дошло до разбирање за важноста за дигиталното зачувување и достапноста до податоците на секого.

На пример, ни треба база на податоци на учесници во Илинденското востание. Има материјали за таква база, но таа не постои. Како проект некое време беше понуден до Министерството за култура, но пред две-три години беше одбиен. Ние прославуваме, кажуваме колку за нас е важна историската меморија, но, од друга страна, речиси ништо не се прави во таа насока, вели Линина Жила.

Базата на податоци, нагласува таа, е основа за заживувањето на меморијата на семејствата од Македонија. Секое име во историјата треба да биде зачувано. Секој човек ја остава својата трага, а така и македонската историја ќе остане и ќе остави трага.

Базата на податоци, за македонската историја ќе значи создавање на врска меѓу генерациите, а тоа е основа, бидејќи, ќе се памети дека тие што заминале имаат потекло од Македонија и Македонија ќе остане жива, заклучува Линина Жила од Институтот за национална историја од Скопје.

Поврзани вести