
Градот Скопје денес официјално го означи почетокот на санацијата на мостот „Естакада“ во општина Гази Баба, еден од најзначајните сообраќајни објекти и една од најфреквентните врски на источниот влез и излез од градот.
На почетокот на градежните активности присуствуваа градоначалникот на Град Скопје и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кои истакнаа дека станува збор за проект што со години бил барање на жителите и е од исклучително значење за безбедноста и непреченото одвивање на сообраќајот.
„Естакада“ претставува важна сообраќајна артерија по која секојдневно се движат илјадници граѓани, работници, ученици, превозници и компании од Скопје и од околните општини. Со реализацијата на овој проект значително ќе се подобрат условите за движење и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Санацијата опфаќа пристапни рампи на вкупна површина од 10.000 квадратни метри, при што на 3.800 квадратни метри ќе се изврши целосно гребење на постојниот коловоз и вградување на два нови асфалтни слоја. На самиот мост ќе биде поставен нов асфалтен слој.
Дополнително, предвидена е замена на рабниците, изработка на асфалтни тротоари, чистење, санација и бојадисување на заштитната пешачка ограда, како и замена на постоечките капаци на шахтите. Вкупната должина на делницата што се санира изнесува 1,5 километри коловоз.
Овој проект претставува инвестиција во безбедноста, подобрата поврзаност и поквалитетното секојдневие на граѓаните. Градот Скопје останува посветен на модернизацијата на инфраструктурата и во наредниот период ќе продолжи со санација на сите мостови и сообраќајни објекти каде што постои потреба од интервенција.

Македонски



