Skip to main content

Групацијата 4iG до АЕК доставила писмо за намери за нов мобилен оператор

Групацијата 4iG, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации, официјално достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), каде го изразува својот интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во Македонија.

Овој чекор, велат од групацијата, преставува значителна пресвртница во плановите на 4iG за да придонесе во модернизација на телекомуникациската инфраструктура во земјата и да внесе засилена конкуренција во секторот. Во текот на следните месеци, компанијата ќе соработува со AEК за достапноста на радиофреквенциите, да се обезбеди усогласување со регулаторните рамки и да се продолжи со долгорочната стратегија за развој во регионот.

Среќни сме што и официјално го започнавме влезот на телекомуникацискиот пазар во Македонија, вели Пал Заранди, директор за мобилни и 5G стратегии во Групацијата 4iG.

Тој додаде дека го препознале потенцијалот на пазарот и оти се уверени дека нивното искуство во соседните земји, како што се Албанија и Црна Гора, ги позиционира во насока да даваат најсовремени услуги за клиентите и бизнисите овде.

Секогаш кога ќе одлучиме да влеземе на нов пазар, од клучно значење е да имаме и поддршка од регулаторната средина и подобро да ги разбереме локалните услови, посочува Заранди и додава дека ангажирале домашни и меѓународни експерти за да направат сеопфатна анализа на пазарот во Македонија, како и оти се сигурни дека нивниот пристап ќе донесе додадена вредност во секторот.

4iG, се вели во соопштението, е една од најистакнатите унгарски ИКТ и телекомуникациски компании и вработува над 8 000 висококвалификувани професионалци и опслужува над 10 милиони конекции во регионите каде што е присутна. Групацијата е позната по својот иновативен пристап и сигурни решенија. Како компанија е посветена на воведување напредни технологии како што се 5G, IoT и инфраструктура управувана од вештачка интелигенција, што ќе го отвори патот Македонија да стане земја со подобра мрежа и поголема компетитивност.

Нашето истражување на пазарот покажа големи можности поради достапноста на опсегот на фреквенции и секако поради поддршката од регулаторната средина, велат од Групацијата и додаваат дека достапноста на фреквенцијата е од суштинско значење за градење на мрежата.

Проширувањето на Групацијата 4iG во Македонија, нагласуваат, е дел од пошироката стратегија на компанијата за подобрување на телекомуникациската инфраструктура во регионот, притоа создавајќи значителна економска и технолошка вредност. Овој чекор е усогласен со посветеноста на Групацијата за поттикнување иновации, следење на локалните регулативи и обезбедување исклучителни услуги.

На 18 октомври групацијата соопшти дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, 4iG Group започнала со подготовки за влез на пазарот во Македонија, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“.

Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Македонија, соопшти тогаш групацијата.