
Канадската влада е разочарана од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините на 35 проценти за канадскиот извоз што не е опфатен со Договорот Канада-САД-Мексико (КУСМА), изјави денеска премиерот Марк Карни.
– Иако канадската влада е разочарана од оваа акција, ние остануваме посветени на КУСМА, што е втор најголем договор за слободна трговија во светот според обемот на трговијата, напиша тој на неговиот „X“ профил.
КУСМА е договор за слободна трговија меѓу Канада, САД и Мексико, кој стапи на сила на 1 јули 2020 година и го замени Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА).
Тарифите на САД, додаде тој, ќе ги погодат силно канадските сектори како што се автомобилската индустрија, преработката на дрво, челикот и алуминиумот.
– Канадската влада ќе дејствува за да ги заштити работните места, да инвестира во нашата индустриска конкурентност, да купува канадски стоки и да ги диверзифицира нашите извозни пазари, напиша тој.
САД ја оправдуваат својата одлука со наводниот неуспех на Канада да го спречи шверцот со фентанил.
– Канадската влада прави историски инвестиции во граничната безбедност за апсење на трговци со дрога, разбивање на транснационални банди и ставање крај на шверцот со мигранти. Ова вклучува илјадници нови гранични службеници, воздушно набљудување, разузнавачки и безбедносни операции и најсилното гранично законодавство во нашата историја. Ќе продолжиме да соработуваме со САД за да го запреме злото на фентанилот и да спасиме животи во двете наши земји, рече Карни.