Skip to main content

Целовечерен концерт на Дамјан Пејчиновски на „Охридско лето“

Посебно музичко доживување на годинашното издание на „Охридско лето“ ќе донесе вечерашниот концерт на охридскиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиновски, во придружба на Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски,  Горан Гешовски на бас-гитара и Гордан Спасовски на пијано. 

Дамјан Пејчиноски, роден во 1984 година во Охрид, е македонски гитарист, кој свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе  музички стилови вклучувајќи  џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика…

Пејчиноски започнува да свири гитара на шест години, но вистински интерес покажува на 14-годишна возраст. По завршување на основното училиште и гимназијата во родниот град Охрид, каде што живее и денес, се запишува на Националната музичка академија „Проф. Пантчо Владигеров “ во Софија (2003) и  на Новиот бугарски универзитет, каде добива целосна стипенидија за неговите студии во областа на џезот каде што и магистрира.

Во текот на својата музичка кариера, Пејчиноски има бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој е финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар идол“ одржан во Лондон. Во 2010 година победува на 2 меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ (“Shred This Too” – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година тој ја претставуваше својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапува како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија.

Предава во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржува 4 концерти во Кина со своето трио, каде што е примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачува наградата „Екселенс ин перформанс“ (“Excellence in Performance“).

Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија и др.  Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.

Дамјан Пејчиновски е спонзориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат компанијата.

Поради најавите за неповолни временски услови, концерот ќе се одржи на сцената на Домот за култура „Григор Прличев“, со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Поврзани вести