
Повик за финансиски понуди за автопатот Кичево – Букојчани во должина од 11 километри ќе биде објавен задутре, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостување на ТВ Канал 5 Николоски денеска истакна дека се работи интензивно на автопатските решенија на Коридорот 8, посочувајќи дека си поставиле рок до крај на 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија да има целосен автопат.
На автопатот Кичево Охрид се работи интензивно. На автопатот не се работело добри 7,5 – 8 години и се работи во последните девет месеци, затоа што ни требаа неколку месеци да видиме каква е состојбата, да се соберат документи, да се направи анализа, итн.. За овие осум-девет месеци успеавме да ги завршивме првите 20 километри, на крајот на летото ќе пуштиме уште 17-18 километри. Потоа одиме во потешката фаза, остануваат уште 17 километри плус тунели од два километри кои што се завршени, сега се работат пристапните патишта. Очекувам до крајот на следната година како што е согласно законот што е усвоен и рокот што е зададен да го завршиме и првпат да имаме проект кој е завршен во рок, нема да е во првичниот рок, туку во продолжениот рок кој не е зададен од нас туку од претходната влада да го испочитуваме и да се заврши – рече Николоски.
Не застануваме тука, дополни министерот, и продлжуваме со активности во делот на спојката помеѓу двата автопата, Охрид – Кичево и Букојчани – Скопје. – За Кичево Букојчани задутре излегува повикот за финансиски понуди, го работиме заедно со Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова развој.
Има и грант компонентна, тоа се 11 километри, а на Гостивар-Букојчани веќе се работи интензивно, исто така и Гостивар-Тетово. Тетово-Скопје веќе има автопат и крајниот рок што го поставивме е до крај на 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија, односно од Крива Паланка до Струга и Охрид да има целосен автопат – рече Николоски.