
Битола е центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората, Битола деновиве е градот кој ги руши сите стереотипи и заблуди, промовирајќи дух на пријателство наместо ривалитет, заедништво наместо поделби, прифаќање на разликите наместо нетолеранција, љубов наместо недоразбирање, истакна потпретседателката на македонското Собрание, Весна Бендевска, прогласувајќи го за отворен фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Бендевска, потсети дека од далечната 1971 година па до денес, фестивалот „Илинденски денови“ достојно ја реализира својата основна мисија, да го промовира културното наследство во сиот свој раскош преку музиката, танцот, игрите, обичаите, ритуалите и сите можни форми на уметнички израз.
Фестивалот посветен на Големиот Илинден и втемелен на бескрајниот народен Гениј, целосно е насочен кон промовирањето на домашната и интернационалната традиционална уметност и култура и има цел да придонесе кон зачувување на културните идентитети ширум светот, презентирајќи и афирмирајќи го интернационалниот фолклор како начин на приближување на културата на разбирањето, толеранцијата и меѓусебната почит и соработка. Битола ќе живее и пулсира во ритам, звуци и танци од сите краишта на светот. Битола деновиве ќе доживее вистинска експлозија на бои и традиционални носии кои гордо ќе ги презентираат изведувачи од Македонија, Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска, нагласи Бендевска.

На вечерашното свечено отворање, потпретседателката на македонското Собрание, пред гостите од државата и странство, посочи дека Битола пред светот по којзнае кој пат ќе го промовира и автентичниот, автохтон македонски фолклор со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, во единствениот 7/8 такт кој е македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора како „Тешкото“, „Комитското“, „Пајдушкото“ „Касапското“…. а македонските народни носии ќе сведочат за богатството на македонскиот културен и историски идентитет.
Македонското Собрание како претставнички дом на граѓаните и традиционален покровител на овој настан, заедно со Министерството за култура и туризам, ќе продолжат и натаму да даваат силна поддршка на овој вонредно важен фестивал со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите, што во аманет ни го остави најголемиот македонски син – Гоце Делчев. Нека живее духот на Илинден низ битолските улици, нека биде радост, нека биде игра, нека биде победа на уметноста и традицијата, порача Бендевска.
Во името на организаторот на фестивалот, гоститите ги поздрави новоизбраниот директор на НУ Центар за култура-Битола, Сашо Илковски кој рече дека значајниот културен настан повеќе од половина век претставува симбол на традицијата, сплотеноста и културната разноликост, додека во името на градот домаќин, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека фестивалот „Илинденски денови“ ја изразува душата на Битола и претставува жив мост меѓу минатото и иднината.