
На веб стараната на НУ Драмски театар Скопје е објавен годинешниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување на нови драматуршки текстови, Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор Горан Стефановски. Преку овој конкурс, театарот сака да даде поддршка на драмско творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од:
Парична дел на награда во износ од 60.000 денари (еднократно);
Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар Скопје;
Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на конкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во Драмски театар Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
Со оваа награда, НУ Драмски театар Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски беа поставени 15 негови претстави, од кои осум беа праизведби.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот Арно Мк со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат АИ моделите во други креативни проекти.