Skip to main content

Протест на „Флораком“ – вработените во фирмата ќерка на „Паркови и зеленило“ бараат исплата на платата за јуни

Неисплатената плата за јуни е причината поради која вработените во „Флораком“ – фирма ќерка на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ – денеска излегоа на протест пред влезот на претпријатието блокирајќи крстосница на булеварот „Илинден“ во Скопје. Најавија дека повторно ќе протестираат ако платата за јуни не им се исплати до 22 овој месец.

Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, рече дека денешниот протест е радикализација на минатонеделниот, кој бил одржан пред влезот на претпријатието, а дека на овој чекор се одлучиле поради нередовна исплата на плати на вработените во „Флокаром“ – проблем со кој, како што рече, вработените во оваа фирма се соочуваат подолг временски период.

Кашиковски посочи дека и покрај тоа што „Флораком“ е фирма ќерка на „Паркови и зеленило“, вработените не се третирани како сите вработени во претпријатието, односно секогаш со задоцнување ја земаат платата.

„Се соочуваме со проблем поголем број од работниците кои се хронично болни да не можат и својата редовна терапија бидејќи не им е исплатено здравствено осигурување. Покрај нашите писмени известувања, барања да се сретнеме со менаџментот за надминување на проблемот, за жал, нема слух од таа страна. На 10 јули кратко се видовме со менаџментот и беше ветено дека до 15 јули ќе биде исплатена плата за мај. За жал, до 15 јули не беше исплатена. После најавата за овој протест во текот на вчерашниот ден повторно под притисок беше исплатена една плата. Вработените од ‘Флораком’ ја немаат земено платата за месец јуни иако рокот беше 15 јули“,рече претседателот на СУТКОЗ на денешниот протест.

Освен исплата на платата за јуни, вработените во „Флораком“ бараат и исплата на регрес за годишен одмор за 2022, 2023 и 2024 година, согласно законски пропишаната обврска, како и останатите додатоци на плата.

На новинарско прашање за причините за неисплаќање на платата, Кашиковски вели:

„Работниците од ‘Флораком’ редовно ги исполнуваат своите работни задачи, односно работат по налог за подигање, садење на садници коишто се предаваат на ‘Паркови и зеленило’, а претпријатието ги сади на територијата на Град Скопје. Значи можам слободно да кажам дека секој налог којшто го добиле вработените од ‘Флораком’ е исполнет, меѓутоа не знаеме зошто не е исплатено по тој налог. Работата си ја имаат завршено, меѓутоа за жал, пари и плати немаат земено.“

Поврзани вести