Skip to main content

Со ревијалната изложба „ФотоСинтеза“ и проекција на документарниот филм „Манаки-приказна во слики“ во КИЦ- Скопје почна фестивалот „Културен амалгам“

Културно информативнит центар – Скопје влезе во нова приказна со нов проект во своето портфолио кој има интенција да стане традиционален. Овој пат тоа е „Културен амалгам“ – фестивал кој се реализира во соработка со сродните културни центри од внатрешнста на Македонија.

Во својата основа патувачкиот интердисциплинарен и мултимедијален фестивал КУЛТУРЕН АМАЛГАМ има за задача да отвори врати кон коренита децентрализација на културата во Македонија, а преку поставување темели на соработка во различни средини и низ различни градови. Соработката преку овој меѓуинституционален и мултимедијален проект треба да постави темел за нешто што во иднина може да се аплицира низ различни градови во Македонија, а по примерот на Кратово, Крушево, Битола, Скопје, да се вклучат и други градови и места, наведуваат од КИЦ Скопје.

Местата на кои ќе се одвиваат проектните активности, како што се посочува, ќе бидат сродни културни установи во кои веќе се одвива културна програма, а преку потпишување на овој меморандум за соработка.

Целта е таквите места да се оживеат и да станат потенцијани почетни точки за самооорганизирање и културно делување. Фестивалот ќе придонесе за развој и унапредување на дејностите од областа на културата на територијата на Македонија, како и презентирање и афирмирање на уметничкото творештво преку изложби, проекции, работилници, трибини… Проектот треба да добие и поширок, регионален/интернационален карактер, и да постави темели за понатамошни активности и соработки, се посочува во соопштението.

Оваа година, како што посочуваат организаторите, се планирани два града и сродни културни центри: Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово и Центар за култура од Крива Паланка. Фокусот или тема за проектот за оваа година ќе биде фотографијата, нејзиниот историски развој и алтернативните техники, што се’ повеќе се популаризираат и враќаат на сцената.

Согласно програмата, во Културно информативен центар – Скопје, беше отворена „ФотоСинтеза“, ревијална изложба на алтернативни фотографски техники во салонот Империјал 2, а во 21 часот во Салон 19:19, премиерно беше прикажан документарниот филм за Јанаки и Милтон Манаки „МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ“ во режија на Роберт Јанкулоски кој заедно со Илинденка Петрушева, е автор и на сценариото.

Според календарот , патувачкиот фестивал на 26 јули ќе гостува во ЛУ „Градски музеј“ – Крива Паланка, а на 7 август во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Завршниот настан се предвидува да се одржи во „Културно информативен центар – Скопје“, Скопје во текот на септември.

Поврзани вести