
Во Изложбениот салон „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, денеска во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Хоризонт на светлината“ на уметникот и дизајнер Марк Јанура.
Изложбата претставува серија апстрактни монопринтови преку кои авторот ја истражува архитектурата како простор на тишина и светлина. Според најавата, делата се фокусираат на односот меѓу линијата, формата и хоризонтот, создавајќи визуелни композиции што го отвораат прашањето за перцепцијата, рамнотежата и просторот.
Во свет преполн со сензации и визуелна бучава, изложбата го повикува посетителот да застане и да ја почувствува светлината како суштински елемент што ја обликува формата и просторот – наведуваат организаторите за изложбата.
Марк Јанура е уметник и дизајнер кој ја спојува традицијата со современоста. Неговите дела се движат од графика и мозаик до визуелна комуникација и дигитален дизајн. Со изложби во Македонија и странство, како и соработки во јавни простори, тој создава визуелни светови што ја истражуваат структурата и бојата. Неговата уметност е динамична, истовремено интимна и концептуална, секогаш насочена кон иднината.
Изложбата „Хоризонт на светлината“ ќе може да се посети до 7 септември.

Македонски


