Skip to main content

Мицкоски за можна вмешаност на функционер од ДУИ во пожарите: Има основани сомневања, ако се потврдат, ќе биде проблем за некои!

Имаме одредени информации и основани сомневања, посебно дека она што се случи во Скопје е организирана акција, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање дали можеби знае нешто во врска со шпекулациите во јавноста дека функционер од ДУИ е вмешан во палењето пожари низ земјава.

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

-Не би сакал детално да зборувам за тоа. Имаме одредени информации и основани сомневања, посебно дека она што се случи во Скопје е организирана акција. Имаме приведени лица и одземени телефони, оставам на органите да си ја завршат својата работа. Но, докопку се потврдат овие основани сомневања, тогаш одредени личности ќе бидат во сериозен проблем, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид. 

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и категорично ги отфрла клеветите и тенденциозните вести кои се шират од одредени кругови блиски до власта, со цел оцрнување и дискредитација на нашите функционери и политички активисти во Шуто Оризари, вклучително и наводната вмешаност во сериозни инциденти како подметнување пожари во околината на Скопје и Визбегово.


Овие намерни обиди за манипулација на јавноста претставуваат директен напад врз опозицискиот глас и политичкото претставување на Албанците. Во пресрет на локалните избори, јасно е дека станува збор за добро осмислена стратегија за заплашување, уценување и слабеење на организациските структури на ДУИ, наместо соочување со граѓаните преку политичка алтернатива и фер демократска дебата.


Во овој контекст, ги повикуваме надлежните институции транспарентно да ги разјаснат причините, правната основа и целта на полициската контрола спроведена во домот на г. Иљас Лесковица, како и да објаснат кој од инкриминираните кругови стои зад ваквите селективни одлуки кои имаат за цел вршење притисок врз легитимни политички претставници.


Демократската унија за интеграција потсетува дека заробувањето на правдата и инструментализирањето на институциите не се предизвик само за една политичка партија, туку сериозна закана за демократскиот поредок и за европската иднина на земјата. За жал, ова не е првпат државните структури да се злоупотребуваат за политички цели. Претходни случаи, вклучително и случајот со Кочани, јасно покажуваат дека вистинските виновници не се соочуваат со правдата, додека други се користат како жртви на политички калкулации.


Исто така, е неприфатливо структури поврзани со урбаниот криминал и незаконски активности да бидат заштитувани од власта и да се користат како алатки за напад врз опозицијата и задушување на политичкиот плурализам во земјата.


Демократската унија за интеграција останува цврсто посветена на владеењето на правото, независната правда и достојното претставување на Албанските граѓани на сите нивоа. Ниту еден притисок, ниту една закана нема да ја поколеба нашата волја да го браниме легитимното право на политичко учество и претставување.

Поврзани вести