Skip to main content

Во Галичник премиерно прикажaна монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ во изведба на Рубенс Муратовски

Во Галичник на амфитеатарот на чешмата Упија, вечерва премиерно беше прикажана монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“, во чест на 150 години од објавувањето на „Речник на три јазика“ на Пулески – основоположник на македонистиката во 19 век.

Монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е инспирирана од неговиот живот посветен на борбата со зборот како оружје. Текстот е на Миле Бошњаковски на македонски јазик, односно на еден од неговите автентични говори – мијачкиот.

Режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски и ја изведе актерот Рубенс Муратовски, кој потекнува од Галичник. Музичката подлога, инспирирана од традиционална композиција „Ветер да подујне“, ја подготви музичарот Нико Ѓоргиевски, а во живо ќе ја изведат заедно со Мајовци.

Од денеска попладне до недела во Галичник ќе се одржува традиционалната Галичка свадба на која годинава младенци се Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Нивната венчавка во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди, ќе биде в недела, 13 јули, што е и централен настан на манифестацијата.

Поврзани вести