Skip to main content

Животот станува поскап, дали ќе има нови мерки за ублажување на растот на цените?

Животот станува се поскап.Последните податоци покажуваат дека инфлацијата зема замав. Имено статистика измерила дека инфлацијата во јуни изнесувала 4,5 отсто на годишно ниво и 0,8 отсто на месечно ниво. Народски кажано, цените за една година пораснале близу 5 отсто, иако граѓаните тврдат дека цените се многу повеќе отидени нагоре, од она што го тврди статистика. Според нив мерките што ги презеде Владата со ограничување на маржите, малку ги стабилизираа цените во тој временски ограничен период, за да веднаш по престанок на мерките, цените здиват.

И Народната банка на Македонија, потврдува дека инфлацијата излезе малку од планираните рамки, но смируваат дека тој тренд на раст ќе забави со оглед на надолното ревидирање на светските (увозните) цени.

Советот на Народната банка минатиот месец ги усвои најновите макроекономски проекции на Народната банка. Согласно последните оцени, проекцијата за просечната стапка на инфлација во 2025 година беше ревидирана на 3%, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5%. Оваа промена беше направена согласно малку повисоките остварувања кај домашната инфлација, но и нагорните ревизии на оцените за цената на суровата нафта и на основните прехранбени производи на светските берзи. Притоа се задржани очекувањата дека инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2% во 2026 година.

Засега, најновите податоци за домашната инфлација се повисоки од очекуваните, но и најновите согледувања за светските (увозните) цени се надолно ревидирани. Нови реоценки и евентуални ревизии на проекцијата за инфлацијата би се направиле при следниот циклус проекции на Народната банка, а тоа е во октомври годинава. Дотогаш, Народната банка редовно ќе ги следи движењата кај инфлацијата, а секако и ризиците кои влијаат на светските цени, а со тоа и на нашите увозни цени, но и движењата кај факторите кои влијаат на домашната побарувачка. Доколку е потребно, Народната банка ќе ги преземе сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс, велат од Народната банка на Македонија.

Согласно најновите податоци на растот на цените, од Влада најавија дека ќе се направи анализа за базичната инфлација, по што ќе се излезе со мерки за заштита од зголемените цени, кои ќе бидат прецизирани, таргетирани и наскоро објавени.

Не сме среќни што се случува ова, но мора да направиме детална анализа во делот на базичната инфлација, бидејќи разговарав со неколкумина економски професори и заклучокот е дека делот од производите што ја креираат оваа инфлација, можеби во односот набавувачи – маркети, не е толку зголемен колку во базичната инфлација и во делот на инфлацијата на услуги. Ќе има мерки многу скоро, кои сакаме да бидат прецизни и таргетирани. Не сакаме да бидат мерки што ќе предизвикаат стихија – вели Премиерот, Христијан Мицкоски.

Според него ситуација се следи и она што е првично забележано е дека има големо отскокнување кај инфлацијата на услуги, каде што бројките се двоцифрени.

Треба да видиме колкав е уделот на инфлацијата во услугите при создавањето на базичната инфлација. Тука имаме отскокнување, двоцифрени бројки – рече Мицкоски.

Имено ако се види информацијата за земјоделските производи од пред недела-две, ќе се забележи дека се зголемени параметрите во импутот за два процента, а во аутпутот – за 11 проценти.

Земјоделецот го продава производот на некој што го носи тој производ во маркет и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш е јасно за што зборувам – истакна Мицкоски.

Повисоката инфлација на месечно ниво е резултат на зголемувањето на трошоците за живот кај: транспортот за 2,9 проценти; рекреацијата и културата, храната и безалкохолните пијалаци за 1,1 процент; разновидните стоки и услуги за 0,9 проценти; мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата за 0,8 проценти; рестораните и хотелите за 0,5 проценти; здравјето за 0,3 проценти; комуникациите, облеката и обувките за 0,2 проценти и домувањето, водата, електриката, гасот и другите горива за 0,1 процент. Кај цените на мало, во јуни било забележано зголемување од 1,1 процент на месечно ниво.

Зголемувањето на цените на храната во јуни е нотирано и од Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).

Оттаму тврдат дека цените на храната во јуни се приближија до највисокото ниво во две години, бидејќи скокот на цените на месото и растителните масла ги надминал значително поевтините шеќер и житарки.

Индексот на цени на ФАО за основни прехранбени производи во јуни изнесувал 128,0 поени и бил за 0,5 отсто повисок отколку во мај. Неговата вредност повторно се приближи до највисокото ниво во две години, од 128,2 поени, кое беше достигнато во април. Во однос на јуни минатата година, цените биле повисоки за 5,8 отсто.

Најмногу поскапеле растителните масла во мај, за 2,3 отсто, со повисоки цени на палминото, репкиното и соиното масло поради засилената побарувачка во секторот биогорива. Цените на сончогледовото масло, пак, благо се намалиле поради зголеменото производство во црноморскиот регион.

Цените на месото исто така значително пораснале, за 2,1 отсто, достигнувајќи ново највисоко ниво откако ФАО објавува податоци, бидејќи силното поскапување на говедското, свинското и овчото месо повторно го надминале падот на цените на живината.

Млечните производи во јуни поскапеле за 0,5 отсто, бидејќи ограничената понуда во Океанија и ЕУ и континуирано високата побарувачка во Азија втор месец по ред ги подигнале цените на путерот на највисоко ниво откако ФАО објавува податоци.

Шеќерот, пак, значително поевтини во јуни, четврти месец по ред, и тоа за 5,2 отсто во однос на мај, со пад на цените на најниско ниво од април 2021 година, под влијание на очекувањата дека родот на шеќерна трска во Бразил, Индија и Тајланд, водечките производители, ќе биде исклучително добар со оглед на поволните временски услови и поголемите засеани површини.

Значително се намалија и цените на житарките во шестиот месец од годинава, за 1,5 отсто на месечно ниво, одразувајќи го остриот пад на цените на пченката, втор месец по ред, поради обилната понуда од Аргентина и Бразил. Пченицата, пак, поскапе поради стравувањата дека сушата би можела да го загрози родот во Русија, САД и одредени делови од ЕУ.

Уште во средината на јуни, пред топлотниот бран, ФАО прогнозираше дека поради поволните временски услови производството на пченица во ЕУ оваа година ќе порасне за 13 отсто.

Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарот на житарки, ФАО благо ја подигна проценката за глобалното производство на житарки оваа година, на 2,925 милијарди тони, ново највисоко ниво откако објавува податоци. Тоа би значело дека ќе порасне за 2,3 отсто во однос на минатата година, стои во Извештајот на ФАО.

Иако вкупните изгледи за пченица, пченка и ориз се подобрени, агенцијата нагласува дека прогнозираното топло и суво време во одредени клучни региони би можело да влијае на производството, особено на пченката.

Светската потрошувачка на житарки треба да порасне за 0,8 отсто во сезоната 2025/2026, на 2,898 милијарди тони, проценува ФАО.

Залихите на житарки треба на крајот на актуелната сезона, во јули идната година, да бидат повисоки за 2,2 отсто отколку на почетокот и да изнесуваат, според проценките на агенцијата, 889,1 милиони тони.

Светската трговија со житарки, пак, треба да порасне за 1,2 отсто во новата сезона, на 486,9 милиони тони, со засилен извоз на пченица и ориз и благо намалување на обемот на трговија со пченка, предвидува ФАО.

Поврзани вести