Skip to main content

Монодрамата „Ја, Ѓорѓуја Пулески – роден су од камен“ во изведба на Рубенс Муратовски в петок на чешмата Упија Галичник

Во петок 11 јули 2025, 21 часот во Галичник на амфитеатарот на чешма Упија ќе се изведе премира на монодрамата насловена„Ја, Ѓорѓуја Пулески – роден су од камен“, во чест на јубилејот 150 години од објавувањето на „Речник на три јазика“ на големиот Пулески.

Монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е инспирирана од неговиот живот посветен на борбата со зборот како оружје! Текстот е напишан од авторот Миле Бошњаковски на македонски јазик односно на еден од неговите автентични говори – мијачкиот.

Искрата на Ѓорѓија Пулески и неговиот чист и јасен крвоток како основоположник на македонистиката, од 19 век во оваа 2025 година ќе ни ја пренесе нашиот познат актер Рубенс Муратовски. Музичката подлога инспирирана од традиционална композиција „Ветер да подујне“ ја подготви музичарот Нико Ѓоргиевски, а ќе ја изведат во живо во рамките на премиерата заедно со маестралните Мајовци. Премиерата е во режија на театарскиот режисер Бојан Трифуновски.
Ѓорѓија Пулески со објавата на „Речник од три јазика“ пред 150 години јасно, прецизно и со острина на галички камен го втемелува македонскиот јазик во лингвистичкото семејството на Балканот, Европа и целиот свет. Сеќавањето на Пулески и на неговото творештво кое е од исклучително значење за македонскиот јазик и тоа во неговиот роден Галичник овој Петровден треба да биде „ехо“ кое ќе се пренесува во наредните векови.

Монодрамата ќе биде изведена под отворено небо во центарот на Галичник, на амфитеатарот пред чешма Упија и вила Доста. Влезот е слободен за секој посетител на Галичник.

Поврзани вести