Skip to main content

Американската амбасада ги предупреди своите државјани да избегнуваат подрачја во Белград

Амбасада на САД во Србија

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Србија ги предупреди своите државјани да ги избегнуваат подрачјата во Белград каде што денеска ќе се одржат протести и собири, а издаде и мерки што ги препорачува.

Доколку се најдете во близина на собири или насилни ситуации, веднаш напуштете ја таа област. Ако не сте во можност да заминете, пронајдете безбедно место за засолниште, порача американската амбасада во безбедносно предупредување објавено на својата веб-страница.

Освен избегнување на подрачјата, амбасадата на САД им препорачува на своите државјани и да ги следат локалните медиуми, да останат во затворен простор, да обезбедат доволни залихи на храна и вода, како и да направат планови за евакуација или засолништа ако евакуацијата не е можна.

Се наведува и дека американските државјани можат да се обратат до амбасадата, и се повикуваат да се пријават во програмата „Smart Traveler Enrollment Program“ (STEP) за да добиваат известувања.

Амбасадата наведе дека на протестите се очекуваат десетици илјади луѓе, дека можат да се одвиваат на повеќе локации, како и дека полицијата очекува голем метеж, затворање на мостови и улици, застои во сообраќајот, како и дека се можни прекини во работата на мобилната телефонија.

Во Србија денеска се слави Видовден, а во текот на денот се најавени неколку настани – протест на студентите во блокада во Белград, литературна вечер пред Народното собрание, доделување одликувања, и свечената седница на српската Влада во Крушевац.

Поврзани вести