
Две изложби поддржани од Министерството за култура и туризам, ја анимираа академската и ликовната заедница и ја обележаа белградската културна сцена во првите денови од месец октомври.
Современата ликовна концепција наречена „Саботна ноќна треска“, со реномираните уметници, проф. Игор Сековски, проф. Марија Ветероска и Иван Блажев, организирана во македонскиот КИЦ во Белград, предизвика исклучителен интерес, посебно меѓу ликовните уметници и ликовната критика и не само од Белград, туку и од други градови во Србија. Оваа изложба која посетителите ќе можат да ја видат до 29 октомври, ја отворија директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров и кураторката на изложбата д-р Ана Франговска.

На 2 октомври, пак, сите патишта водеа кон Музејот на современа уметност во Белград, каде беше поставена и отворена изложбата „Корпореалност“, на нашиот познат вајар, дописен член на МАНу, проф. Жарко Башески.
Изложбата „Корпореалност“ го претставува уметничкиот опус на проф. Башески, а поставката опфаќа дела кои ги карактеризираат монументални димензии, хиперреалистична обработка и исклучително промислен однос спрема човечкото тело и искуството.

Изложбата ја отворија Нарона Љума Весели, в.д. директорка на Националната галерија на Македонија, Маријана Колариќ, директорка на белградскиот МСУ и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
Оваа изложба белградската публика ќе има можност да ја види до 9 ноември.

Македонски


