Skip to main content

Оливер Мандиќ: И покрај операцијата доаѓам на „Охрид фест“ во август

Српскиот кантавтор Оливер Мандиќ ќе биде гостин на фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“, на Интернационалната вечер која ќе се одржи на 30 август, на сцената на Долни Сарај. Мандиќ ќе добие награда за трајни вредности и ќе настапи со неговиот прв голем хит „Питају ме питају“, песна со која победи на фестивалот МЕСАМ во Белград во 1984 година. „Минатата година си размислував дека поминале 40 години откако се појавивив на МЕСАМ со оваа песна. Не сум човек што брои години ниту слави јубилеи, но ете, има некоја важна симболика. Григор Копров уште лани ме покани во Охрид да го славам овој јубилеј. Жал ми е што не можев да дојдам, а годинава го потврдив учеството со задоволство и покрај здравствените проблеми. Веројатно сте слушнале дека во март годинава имав тешка операција на ‘рбетот, но среќа е што помина успешно и се радувам што доаѓам во Охрид “, вели Оливер Мандиќ. Мандиќ се сеќава дека во Охрид последно настапил во клуб пред повеќе од 30 години, а во Скопје во 2010, со песна која му ја посвети на Тоше Проески заедно со браќата Тавитјан и Беби Дол. „Не сум настапил во Охрид повеќе од 30 години, беше тоа еден убав настап во клуб на почетокот од 1990-тите. А, во Скопје, заедно со моите драги пријатели, браќата Тавитјан снимивме песна посветена на Тоше, која ја пеевме Беби Дол и јас, на концертот посветен на роденденот на Тоше во 2010 година. На таа полна сала, и на тоа како луѓето од прва ја прифатија песната јасно се сеќавам“, рече Мандиќ. На истиот концерт насловен „Со хуманост до светлината“, во чест на Тоше настапија и Аки Рахимовски, Калиопи, Борис Новковиќ, Бојан Маровиќ, Јелена Томашевиќ, Тони Цетински Елена Ристеска и други. Песната во која пее Мандиќ се вика „Пробуди се на час“. Фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“ почнува на 29 август со Фолк вечерта, а на 30 август е Интернационалната вечер. Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Сашо Гигов- Гиш, Ана Петановска, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Бојан Маровиќ, српскиот евровизски претставник Принц од Врање се меѓу пејачите кои ќе настапат на 32. издание на фестивалот.

Поврзани вести