Skip to main content

Над 140 жени нападнати со шприцови за време на музички фестивал во Франција

Фрипик

Француските власти се соочуваат со загрижувачки бран напади врз жени за време на годинешниот фестивал „Fête de la Musique“, кој традиционално се одржува низ бројни француски градови. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, досега 145 жени, од кои многумина се тинејџерки, поднеле пријави дека биле нападнати со шприцови со непозната супстанција.

Најголем број случаи се пријавени во главниот град, каде што најмалку 21 девојка изјавила дека била нападната. Напади се регистрирани и во други градови, како што се Ањер-сур-Сен, каде што осум млади жени биле боцкани со шприцеви на градскиот плоштад – шест од нив поднеле официјални пријави и се здобиле со медицинска помош. Слични инциденти се пријавени и во Мец и Гренобл.

Некои од нападнатите жени покажале симптоми на мачнина и веднаш биле префрлени во болница, каде што се спроведуваат токсиколошки анализи. Засега останува непознато што точно се наоѓало во шприцевите. Истрагата разгледува и можност за координирани напади, имајќи предвид информации дека преку социјалните мрежи кружеле повици за такви акции.

Француската полиција досега приведе 12 осомничени, а во градот Ангулем се уапсени четири лица за кои се верува дека стојат зад нападите на околу 50 луѓе.

Поврзани вести