
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од Хераклеа порача дека Владата ќе продолжи со имплементација на конкретни проекти кои ќе донесат вистински економски развој и подобрување на стандардот.
Целта на Владата, истакна во обраќањето по повод 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, е да изгради праведно општество во кое нема да има привилегирани, туку ќе има правда за сите и за тоа, потенцира, ќе биде безмилосна кон секој што ќе ја злоупотреби довербата на народот.
-Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но, денес, нашата држава е една од најбрзорастечките во Европа со четвртиот највисок економски раст. Сепак, силна Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои не дефинираат како народ. Конзервативните вредности на семејството, традицијата, трудот, честа, нацијата, редот, правдата и одговорноста се нашиот стожер. Тие вредности не водат низ темнините и не крепат во време на предизвици. Секоја промена почнува од дома, од личната одговорност и од свеста дека само заедно можеме да направиме голема разлика, истакна Мицкоски.
Сепак, укажа, не треба да се фалиме со бројките.
-Ние не сме партија која ветува празни зборови. Нашите дела се најсилната порака. Во првата година успеавме да го стабилизираме економскиот раст – четврти највисок во Европа. Но, тоа не е доволно. Народот го чувствува товарот од минатото и се уште очекува промени кои ќе ги подобрат животите. Знаеме дека растот не е доволен, дека народот се уште не го чувствува подобрувањето во својот секојдневен живот. Затоа упорно работиме на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање нови работни места, на подобрување на условите за сите работници, особено младите, земјоделците и пензионерите, подвлече Мицкоски.
Тој изнесе 15 конкретни мерки на кои се фокусира Владата: инвестиции во инфраструктурата (подобри патишта, железници и енергетски мрежи), поддршка за домашните компании преку олеснети услови за работа, создавање нови работни места со фокус на младите, подобрување на условите за работниците (сигурност и достоинствено плати), програми за стабилност и развој на земјоделството, зголемување на пензиите и подобрување на социјалната заштита и унапредување на здравството (изградба на нови болници, современа опрема и квалитетен кадар).
Меѓу мерките се и реформи во образованието, јакнење на борбата против корупцијата со нулта толеранција, промоција на конзервативните вредности како темел на стабилно општество, создавање програми за поддршка на семејствата, поддршка на културните и традиционалните вредности, програми за развој на малите и средни претпријатија, зголемување на транспарентноста во работењето на државните институции, како и јакнење на регионалната соработка со соседите на принципи на достоинство и национален интерес.
Мерките, рече Мицкоски, ќе се спроведат преку конкретни чекори, како имплементација на Новата енергетска стратегија која треба да обезбеди домашно производство, поевтина струја, национален инфраструктурен проект за автопати, железници, канализации, воведување државна гаранција за стартапи, специјална програма за младински субвенции за станбено домување, фонд за технологија и иновации за ИТ секторот, закон за заштита на домашното земјоделство и откупните цени, нови болници и дигитализација на здравството, реформа на образованието со фокус на вештини и домашен квалитет, масовна дигитализација на администрацијата, укинување на партизацијата во јавниот сектор, закони за гарантирана еднаквост пред судовите, лустрација на криминал во јавни набавки, национален план за враќање на младите од дијаспората.
-Нашата идеја не запира, нашата волја не се крши, најдоброто допрва доаѓа. Секој од овие чекори е дел од нашата стратегија за долгорочен развој. Нашата желба е секој граѓанин да осети подобрување во својот живот. Затоа и велам – тешко е сега, но нема да отстапиме, нема да се откажеме. Јас сум горд што сум дел од овој тим и оваа партија. Мојата лична приказна е приказна за човек кој никогаш не се предал, кој секогаш верувал во Македонија и нејзиниот народ. Од скромни почетоци, преку тешки моменти, до позицијата на премиер, секогаш ми била водилка љубовта кон земјата и желбата да оставам подобра иднина за моите деца и за сите македонски семејства. Верувам во вас, верувам во народот, верувам во Македонија. Нашата идеја не запира, нашата волја не се крши, и најдоброто допрва доаѓа. Заедно, со чесна работа и срце полно надеж, ќе ја изградиме Македонија каква што заслужуваме, рече Мицкоски.
Тој на крајот од своето обраќање им се поклони на основачите на ВМРО-ДПМНЕ, на сите борци за ВМРО, на сите кои, како што истакна, воздивнуваат и треперат при секој предизвик на партијата и искрено се радуваат и втемелуваат во секој успех, на сите кои од 1990 година до денеска се дел од партијата која ја носеше и канализираше мислата и идејата за слободна, демократска и независна македонија, со свој идентитет и стремеж, да биде горда членка на европското и евроатланското семејство.
-Ние не сме тука по случајност. Тука сме затоа што идејата за Македонија, како суверена, достоинствена и праведна држава, не умира. ВМРО-ДПМНЕ не е само партија. Тоа е движење, вредност, идеологија, љубов. Тоа е макотрпното градење на домот на секој македонски човек. Им благодарам на синовите на ВМРО кои не не изневерија, ни кога беше најтешко. И на сите вас. На секој кој и без ништо, без да бара сатисфакција — гласаше, се бореше, веруваше, затоа што нема поголема сатисфакција од тоа да знаеш дека една идеја, твојата идеја живее и не запира. Ќе успееме. Не заради нас, туку заради децата наши. За нив, и за секој човек кој верува дека Македонија е местото каде што сонувањето има смисла, рече Мицкоски.
Одбележувањето 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ е под мото „Идеја што не запира, вредности што носат промени“.