Skip to main content

Љутков го отвори 59. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот, дури и кога нѐ засмева, зборува сериозно

Преубаво е чувството да се биде вечерва во Прилеп – градот под Марковите кули, кој со својата душа и историја, секоја година нè потсетува што значи да се верува во моќта на сцената, на зборот, на емоцијата, на тишината, рече денеска министерот за култура Зоран Љутков на свеченото отворање на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Знаете, има нешто свето во таа тишина што се спушта пред да се крене завесата.

Таа тишина… ја знам. Ја носам во себе уште од првиот пат кога застанав на сцена. Тоа не е само тишина, тоа е срцебиење, трепет, повик да се биде храбар. Да се зборува. Да се оживее приказната.

Вечерва, со тој ист трепет стојам пред вас, како министер за култура и туризам, но и како актер, говорејќи на отворањето на фестивалот кој безмалку шест децении ја носи тежината и убавината на македонската драмска традиција. За мене, тоа е, пред сѐ, чест, но и одговорност. 

И затоа, убеден сум дека нема поубав начин да го започнеме овој свечен настан, од тоа да се потсетиме на зборовите на човекот чиј лик и дело стојат зад името на овој фестивал, таткото на македонскиот театар, Војдан Чернодрински, кој рекол: „Театарот е огледало на народот“.

Во тие неколку зборови е кажано сѐ.

Фестивалот  „Војдан Чернодрински“ е повеќе од репертоар. Тој е традиција, духовна навика и жива дебата за тоа каков театар сакаме да гледаме, какво општество сакаме да градиме. И токму затоа, оваа сцена мора да остане слободна, дрска, креативна и, пред сè, блиска до народот.

Фестивалот годинава се одвива под слоганот „Смеј се и осмели се!“. Знам дека тој не е случаен и е многу повеќе од убава фраза. Тој е поука, можеби и лекција. Во него е заклучена суштинската порака: дека театарот, дури и кога нѐ засмева, зборува сериозно. А кога нѐ осмелува, станува средство за промена.

Низ овие 59 години, театарот постојано се движи напред предводен од нови генерации уметници кои носат нова естетика, нови форми и одговараат на нови прашања. И тоа не треба да нѐ плаши. Напротив, тоа е потврда дека театарот е жив. И како институции, ние сме тука не само да ги следиме тие процеси, туку и да ги поддржиме – суштински, доследно, со јасна визија.

Затоа, дозволете ми со гордост, со почит кон историјата, но и со непоколеблива верба во иднината на македонскиот театар да го прогласам 59. издание на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“  за отворено!

Воедно, на сите наградени за својот уметнички труд, длабок поклон. А на сите уметници, огромна благодарност што сте нашиот глас, нашето огледало и нашата инспирација.

И на крајот, пред да се препуштиме на тишината, зборот и аплаузот ќе порачам: Никогаш не престанувајте да верувате во моќта на уметноста!

Поврзани вести