
Новак Ѓоковиќ е фокусиран на сопствената игра и не размислува за тоа каква тактика ќе користи светскиот рекет број 1, Јаник Синер против него во претстојното полуфинале меѓу двајцата на Отвореното првенство на Франција.
Србинот стигна до своето 51-во Гренд Слем полуфинале со победа во четири сета над третиот носител Германецот Александар Зверев во среда вечерта. 38-годишниот тенисер останува цврсто во борбата за рекордна 25-та Гренд Слем титула и четврта на Ролан Гарос.
Но, тој се соочува со сериозна пречка на патот – лидерот на АТП, Синер, кој покажа одлична форма во Париз во текот на изминатите две недели.
Италијанецот, 23-годишен, сè уште не изгубил сет на овој турнир.
-Знам што да очекувам од Јаник. Тој ќе излезе и ќе игра на многу високо ниво, како што правеше на практично секој турнир на кој играше во последната година и пол. Не очекувам ништо помалку од него. Но, вакви натпревари и вакви предизвици го извлекуваат најдоброто од мене. Да играм до пет сета, во последните фази од Гренд слем против број еден во светот, не може да се добие поголема мотивација од тоа за мене на таа возраст. Така го гледам сега. Како ќе го спречам? Не размислувам за тоа. Размислувам како ќе правам што сакам на теренот и како ќе се чувствувам онака како што сакам, рече Ѓоковиќ.