Skip to main content
Заврши второто издание на Деновите на поезијата – Убавата авантура на поетскиот збор продолжува догодина

Културната разновидност не претставува закана, туку збогатување

Љубовта кон македонскиот јазик се роди од потребата да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик“, изјави Сотирис Минас, кој дојде од Атина специјално за настанот „Македонско-грчки поетски координати“ во рамките на второто издание на Деновите на поезијата кои, во организација на фондацијата Ацо Шопов – завршија вчера во книжарницата  Литаратура.мк во Скопје Сити Мол.

За мене тоа беше морална позиција, изјави најновиот афирматор на македонската книжевна реч во денешна Грција: Ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по свој избор – и тоа со гордост. Како што го проучував јазикот, дојде и литературата – пред сè поезијата. Открив неверојатен литературен свет, исполнет со емоции, историска меморија и човечка достојност. Тоа беше поезија што заслужува да се слушне – не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература е сега дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето, подвлече Сотирис Минас.

Со неговиот соговорник, македонски поет и научник Иван Антоновски, тие отворија низа прашања од македонско-грчките поетски врски, во кои јазикот игра клучна улога. Говореа за Рацин и Полидури, за Конески и Валетас, за Шопов и Рицос, за Урошевиќ и Гогу, за Ѓорѓо Димоски и Џиџа, за Танчевa-Златева и Думба и за многу други грчки и македонски поети кои граделе и градат мостови помеќу двете соседни култури. Минас прочита негови препеви од грчката поезија на македонски јазик, како и негови препеви од македонската поезија на грчки јазик, мешу кои и извадок од книгата На Грамос, од Ацо Шопов, поради која на времето, на нашиот поет му бил забранет влез во соседната земја. Тоа покажува дека условите се менуваат на добро и дека, како што истакнаа соговорниците, „денес постојат нови можности за соработка и за претставување на македонската поезија во Грција, како и на грчката поезија на македонски јазик“.

„Допирот на генерациите“, кого Ацо Шопов во свое време го промовираше со многу жар, и кој е една од идеите водилки на Деновите на поезијата, стана кристално јасен со Санде Стојчески и Павлина Атанасова, претставници на две генерации македонски поети, чии зборови и стихови се вкрстија во „Диптихот“ кој го водеше Јулијана Величковска, како и со настанот насловен „Во дослух со Шопов“ со кој се затворија овогодишните Денови на поезијата. На него, под модераторство на Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет во Скопје и претседател на Македонскиот ПЕН центар, настапија петмина афирмирани современи поети со чии стихови македонската поезија го пречекори прагот на третиот милениум: Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан и Иван Џепаровски.

Под мотото “Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“ (Ацо Шопов, 1976 год.) второто издание на Деновите на поезијата Со своите богати и разновидни содржини, го отелотворија мотото Со своите богати и разновидни содржини, второто издание на Деновите на поезијата ја отелотвори идејата на Шопов дека “Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“. Следната година ќе се собереме под мотото „Поезијата е еден од можните одговори на прашањето на животот“.

Поврзани вести