
Со брза интервенција на екипа на Територијалната против пожарна единица, ноќеска по полноќ, битолските пожарникари успеале да отстранат поголема опасност од пожарот на возило џип што се случил во 00:20 часот во Битола, информираше Горан Димкоски, раководител во ТППЕ-Битола.
Во пожарот целосно изгорел џипот, а оштетени се и две други возила, потврди Димкоски.
„Во 00:20 часот добивме дојава за запалено возило, џип марка тојота во централното градско подрачје. Наша екипа со пет пожарникари веднаш излезе на терен, на местото каде што се случил пожарот. Интервенцијата траеше еден час, до 1:20 часот. Оштетени се три возила, и за жал со пожарот зафатени се и две возила кои беа во непосредна близина на опожарениот џип кој целосно е изгорен. Не знаеме кои се причините за пожарот. Нашата навремена и брза интервенција придонесе да нема поголема штета од пожарот“, истакна Димкоски.
Во текот на денот се очекува соопштение и од СВР-Битола за опожарените возила од кои едно е на бизнисмен и поранешен кандидат за градоначалник на Битола.