
Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, на прашање од граѓаните на Македонски Брод, ја потенцираше јасната и принципиелна позиција на движењето во однос на прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија.
„Ние немаме ништо против ниту еден народ, вклучително и Бугарите. Не сме против нивното уставно спомнување, но бараме цврста гаранција дека тоа ќе биде последното барање од нашите соседи на патот кон Европската Унија,“ рече тој.
Истакна дека протоколите кои претходната Влада ги потпиша со Бугарија содржат сериозни замки кои директно го допираат националното достоинство и историската вистина за македонскиот народ.
„За нас е неприфатливо Гоце Делчев да биде прикажан како Бугарин. За нас е неприфатливо да се прифати дека македонскиот народ постои од 1945 година, и уште помалку да се нарекува бугарскиот фашистички окупатор администратор“ – додаде генералниот секретар.
Тој потсети дека Македонија веќе направила огромни отстапки на европскиот пат со промена на името, знамето и уставни измени и порача дека македонскиот народ нема да дозволи самопоништување и историски ревизионизам.
„Доста е! Ние сакаме европска иднина, но не по цена на нашата историја, идентитет и јазик“ – заклучи тој.