
Грција, Франција и Шпанија подготвија заеднички документ за расправа на јунскиот Совет на ЕУ, со кој се бара од Европската комисија да утврди минимална старост за пристап до социјалните медиуми на ниво на ЕУ и да воведе систем за проверка на возраста при пристапување до онлајн мрежите.
Во документот подготвен од министрите задолжени за дигитални технологии на Грција, Франција и Шпанија се оценува дека „лошо дизајнираните дигитални производи и услуги“ предизвикуваат низа здравствени проблеми кај малолетниците кои постојано се изложени на тривијални или несоодветни содржини.
За надминување на ваквиот проблем, според нив, потребно е изработка на законодавство на ниво на ЕУ со кое на младите ќе им биде ограничен пристапот до сомнителни и содржини што предизвикуваат зависност, а воедно на родителите ќе им се овозможи полесно да го ограничуваат користењето на социјалните медиуми и сајтовите за возрасни од страна на нивните деца.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија веќе најави дека подготвува апликација за проверка на возраста на корисниците на социјалните мрежи, која би била привремено решение до воведувањето на дигиталните паричници на ЕУ, што се очекува најрано кон крајот на 2026 година.
Но, во документот се бара од ЕК не само воведување на ваков систем за проверка на возраста, туку и да се овозможат механизми за поголема родителска контрола и да се ограничи употребата на одредени апликации од страна на малолетници.
Според трите земји предлагачи на иницијативата, би требало на ниво на ЕУ да се воспостави „дигиталната возраст“ за користење на онлајн мрежите, односно минимална старосна граница под која малолетниците не би можеле да пристапуваат до социјалните медиуми.
Се предлага таа „дигитална возраст“ да изнесува 15 години, иако според извори во Владата на Шпанија, тие се отворени за дискусија околу старосната граница.
ЕК веќе презентираше нацрт-патокази за заштита на малолетниците, изработени врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), со кои се бара од онлајн платформите да воведат мерки за проверка на возраста на корисници со цел да се намали изложеноста на децата на порнографски и други несоодветни содржини.