Skip to main content

За три години 457 лица загинале во сообраќајни несреќи

За три години 457 лица загинале во сообраќајни несреќи, објави државниот завод за ревизија. Анализата го опфаќа периодот од 2020 до 2023 година кога на државните патишта се случиле 31.176 сообраќајќи. Ревизорите оценуваат дека иако се преземаат мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, сепак, тие не придонесуваат во намалувањето на бројот на жртви.

„Ревизорите утврдиле бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии за безбедност во сообраќајот, што од своја страна предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создава нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди“, велат од ДЗР.

Целите за рехабилитација на националните и регионалните патишта не се постигнати, а парите се потрошени, констатираат ревизорите. Тие напоменуваат и дека системот Сејф Сити се уште не се користи за документирање прекршоци и изрекување казни иако истиот е функционален. Од 2019 до 2023 година потрошени се 37 милиони денари државни пари за кампањи за подобрување на состојбата на патиштата, а само во 2020 година од генералниот секретаријат на владата се набавени софтвер и опрема во вкупен износ од 7,3 милиони денари, но резултати на терен и натаму нема.

„Извршените анализи и спроведените инспекции за безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата, упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, незадоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои можат да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици“, додаваат од ДЗР.

Ревизорите на крај даваат и препораки за подобрување на состојбата, а меѓу другото бараат и воведување на систем за мониторинг и евалуација на ефектите од спроведените мерки и активности од страна на институциите.

Поврзани вести