
Почна изградбата на нова градинка во населба Инџиково, во Општина Гази Баба, која се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. По тој повод денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и градоначалникот Бобан Стефковски, извршија увид на градежните активности.
Мицкоски рече дека почна изградбата на уште еден нов објект којшто полека, но сигурно, за многу скоро од денес овој објект, којшто е барање на граѓаните на ова населено место во општина Гази Баба, ќе стане реалност. Посочи дека ова е потврда на политиките на оваа Влада, дека ќе поддржува проекти во општините коишто ќе додадат квалитет во животот на граѓаните.
Самата постапка на промена на ресорите во самата Влада уште на почетокот на мандатот на оваа Влада, значеше дека тогашното Министерство социјална политика и труд ќе добие поинаква конотација и поширока надлежност, особено во делот на демографијата и младите. Овој објект е токму во таа насока, бидејќи колку повеќе градинки и училишта, толку подобри услови за нашите најмили, а тоа се дечињата. Тоа е еден предуслов за подобра демографија и повеќе дечиња да имаме на коишто ќе се радуваме. Тоа е суштината на политиката на оваа Влада и токму поради тоа денеска Министерството е за социјална политика, демографија и млади, истакна премиерот Мицкоски.
Тој најави дека наскоро пратениците треба да го донесат и Законот за здравствена заштита, со којшто очекува процедурите за ин витро-двојно се зголемат од три на шест, бидејќи веќе се обезбедени средства во буџетот.
Така што проактивната политика на оваа Влада е она коешто претставува наша цел и обврска пред граѓаните, и тоа беше она коешто ние го ветувавме. Се разбира тоа колку е посилно толку е помоќно, и колку повеќе испорачуваме, толку противниците политички на оваа Влада ќе бидат нервозни. И толку повеќе ќе исфрлаат отровни стрели, лаги, конструкции, ќе клеветат, ќе измислуваат-мислејќи дека на тој начин, со растурање пердуви ќе постигнат нешто коешто ќе може да ги оживее во политичка смисла на зборот. Но, јас мислам дека им е погрешна стратегијата. А нашата стратегија е ориентирана и определена на работа, на испорака и на проекти. Така дадовме збор пред граѓаните пред една година, така и продолжуваме една година подоцна, и така ќе продолжиме и во годините потоа, рече Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Стефковски рече градинката се гради на површина од 490 метри квадратни, ќе биде приземјен објект со висина од три метри, ќе има три занимални и други помошни простории, со капацитет за згрижување на 48 деца, 36 деца над две години и 12 деца до две години.
Градоначалникот Стефковски изрази благодарност на владината поддршка и истакна дека таа е вистински партнер на граѓаните и општините, која ги препознава потребите и барањата на граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изрази задоволство од напредокот на изградбата на објектот.
Овој проект е насочен кон подобрување на условите за најмладите, за нашата иднина. Ова е проект еден од четирите од првиот владин повик во насока на подобрување на капиталната инфраструктура. Општина Гази Баба во првиот јавен повик доби околу 190 милиони денари, на вториот аплицираше со 16 проекти, приближно со 600 милиони денари и во периодот што следи граѓаните може да очекуваат градежен бум кој значително ќе ги подобри условите на инфраструктурата, истакна Перински.
Изградбата на градинката, како што порача министерот Лимани, е дел од пошироката заложба на Владата за рамномерен развој и грижа за секое дете, во секое населено место и информираше дека годинава се очекува да започнат со работа повеќе од 10 детски градинки, кои ќе овозможат сместување за над 1500 деца, а уште 15 градинки се во подготовка или во тек изградба.