
На малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва, на 8 мај, во 18 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а режијата ја потпишува Билјана Јовановска. Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска – алтернација.
Сценографијата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.
Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат, како децата така и родителите, да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Ликовите на децата, Вања и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно.
Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе.
Следната изведба е на 9 мај, во 18 часот. Претставата е наменета за возрасна категорија 5+.
Претставата е во продукција на Македонски народен театар и е финансирана од сопствени средства.

Преку приказната покажуваме дека не е проблем да ни биде досадно, проблемот е ако не знаеме што да направиме со тоа чувство. Суштинската порака е дека потребен е баланс. И постојаната активност и целосната неактивност може да имаат негативни последици ако се во екстрем. Затоа, да научиме дека рамнотежата, односно балансот е клучот и во детството и подоцна во животот, вели Деан во изјава за „Република“.
Според Деан досадата е многу корисна, особено за сè уште неразвиениот ум кај децата.
Откако ја напишавме, уште повеќе го слушам терминот „досадно“ од разни возрасти, не само кај децата. Бевме инспирирани од детската досада, но истражувајќи, дојдовме до сознанија дека и на возрасните, живеејќи во овој брз и колоритен свет, им е кратко вниманието како и на децата, вели Јовановска, актерка која е и режисерка на претставата „Жива досада“.
Според Јакимова, досадата не е непријател – напротив, таа е креативен простор што овозможува децата да се поврзат со себе и со светот околу себе, да размислуваат и да растат.
За нас, пораката е да не ги оптоваруваме децата со бесконечни активности, туку да им дозволиме да уживаат во моментите на мир и саморазвој, вели во Јакимова.