Skip to main content

„Македонистички предавања“, нова книга од рускиот славист Ала Шешкен

КНИГАТА Е ОБЈАВЕНА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ 50 ГОДИНИ МАКЕДОНИСТИКА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „ЛОМОНОСОВ“ ВО МОСКВА

Во издание на Здружението на уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат книгата „Македонистички предавања“ од познатиот руски славист, академик Ала Шешкен. Книгата е објавена по повод значајниот јубилеј,: педесет години македонистика на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва.

Издавачот подвлекува дека „идејата за покренување на македонистички студии и нејзиното реализирање на еден од најголемите универзитети во светот, означи до сега петдецениски период на афирмација на македонскиот јазик и литература. Меѓу професорите кои дадоа значаен придонес во развојот на македонистичките студии е акад. Ала Генадиевна Шешкен. Како славист и компаративист, Шешкен долги години е промотор на македонската литература во Русија. Автор е на над 200 научни трудови со кои ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“.

Рецензентот и уредник на книгата „Македонистички предавања, д-р Веле Смилевски, пишува: „Овој труд на акад. Ала Шешкен е логички резултат на нејзината долгогодишна посветеност на македонската литература во наставата на Универзитетот „Ломоносов“, како важна мисија кај новите генерации слависти во Русија, но и на научно поле, со задлабочени анализи и толкувања на делата на македонските писатели. Најголемиот дел од книгата „Македонистички предавања“ е посветен на развојните процеси на македонската литература во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености  во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на  поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонаката литература на минатиот век“, подвлекува Веле Смилевски

Ала Шешкен (1952) е  доктор по филолошки науки. Член на Македонската академија на науките и уметностите од 2006 година.  Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Носител е на наградата „Почесно Рациново признание“ (2021). Ала Шешкен долги години е активен учесник на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Со своите студенти таа секоја година учествува во работните сесии на Семинарот.

Поврзани вести