
Израелската армија соопшти дека денеска по наредба на премиерот Бенјамин Нетанјаху и Министерството за одбрана нападна магацин на либанското движење Хезболах во Бејрут.
Во соопштението се наведува дека во магацинот биле складирани прецизни ракети на Хезболах, што претставуваат значителна закана по Израел.
Нападот е извршен во едно од јужните предградија на главниот град на Либан, Бејрут.
Засега нема информации за евентуални човечки жртви.
Тоа е трет напад врз Бејрут од примирјето од 27 ноември со кои заврши двомесечната војна помеѓу проиранското движење Хезболах и Израел. И покрај примирјето Израел извршува напади врз Либан, тврдејќи дека цел се борците и инфраструктурата на Хезболах.
По отпочнувањето на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, откако палестинското движење Хамас го нападна Израел, Хезболах отвори фронт против Израел истрелувајќи ракети од јужен Либан во знак на поддршка на својот палестински сојузник. Непријателства ескалираа во отворена војна во септември 2024 година со интензивно израелско бомбардирање на Либан, главно против упориштата на Хезболах, при што загинаа повеќе од 4.000 луѓе.