
Модата може да биде и уметност, и економски ресурс, и национална гордост, вели Светлана Богова Јовановска, организаторка на Моден викенд Скопје, најголемата модна манифестација кај нас, која го слави 30. јубилејно издание кое ќе се одржи од 25 до 27 април во „Дајмонд резиденс“.
Во 2009 година Богова Јовановска од Русија се пресели во Македонија и оттогаш трае приказната со Моден викенд Скопје, настан кој се одржува двапати во годината и кој ги собира сите важни дизајнери, стилисти и се она што е поврзано со модата и убавиот начин на живеење. Токму на овие настани дел од македонските креатори ги направија првите ревии, а потоа се етаблираа на модната сцена.
Модниот викенд Скопје никогаш не бил само модни ревии и убави манекенки. Секогаш ангажран, во чекор со времето, со панел дискусии, соработки со компании, факултети, модни куќи, институции. Се отворале теми за одржлива мода, иднината на модната индустрија, заштита на животната средина. Се организирале изложби, се одржуваа ревии во музеи и галерии, се поместуваа граници.
Јас имам еден сон – да се создаде музеј или културен простор посветен на историјата на македонската мода. Тоа би било признание за сите визионери, дизајнери, шивачи и занаетчии кои ја граделе оваа сцена низ децении. Тоа е начин да го зачуваме нивното наследство, да ги инспирираме идните генерации и да вложиме во едукација, вели во интервју за „Република“ Богова Јовановска.
30. Моден викенд Скопје почнува на 25 април, со изложбата „Заедницата“ која е во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Учествуваат 15 уметници кои преку своите дела го истражуваат поимот заедништво. Видео-арт проекции ќе имаат Јана Манева-Чупоска, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Весна Стефановска, Ивана Самандова, Ана В’кова, Ѓорѓе Јовановиќ, а изложба на скулптури и објекти ќе имаат Перо Кованцалиев, Синиша Новески, Никола Смилков, Слободан Милошески, Татјана Ристовска, Нела Јанковска, Озбек Ајваз, Доротеј Нешовски.
Една од ѕвездите на програмата е ревијата на победниците од натпреварот Past2Future Fashion, кој се одржа во Белград, во организација на Metropolitan University и професорките Милица Слијепчевиќ и Лидија Јовановиќ.
На програмата се и свежи, иновативни колекции на младите дизајнерки од Институтот Изет Цури, како и презентации на новите брендови Georgiya, Era Angela, Crius, А2 Ателје, студентите од Меѓународниот Балкански Универзитет, и дизајнерите Kali Rose, AlAparel на Наташа Карчева и Олгица Ѓоргиева. Ќе има и јавни дискусии, каде ќе се зборува за клучни теми поврзани со иднината на модната индустрија.

Честитки за јубилејот, 30. издание на Моден викенд Скопје. Колку беше тешко или пак можеби и лесно, предизвикувачки, пред 15 години да почнете со организација на најголемиот моден настан во државата?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Кога дојдов во Македонија во 2009 година и почнав да го истражувам пазарот, со изненадување открив дека последната модна недела се одржала уште во 2006 година – на Саемот во Скопје. Силно посакав да го споделам моето професионално искуство, да донесам нешто ново и современо, но тогаш едноставно немаше платформа каде модата можеше да се изрази со целосна сила. Со поддршка од моето семејство, се охрабрив да почнам од нула – така се роди приказната на Моден Викенд Скопје.
Најтешко на почетокот беше да се разбере, прифати и почитува локалниот менталитет. Кога тоа се случи, работите почнаа да течат по својот тек. Не се работеше за компромиси, туку за дијалог и заемно разбирање. Секако, не беше лесно ни да се пронајдат „своите луѓе“ – тим кој ќе ја споделува мојата визија и цели. Но имав среќа – овие 15 години работев со извонредни професионалци од најразлични области.
Она што ми буди посебна гордост е фактот што за ова време порасна цела генерација млади, талентирани луѓе во модата и дизајнот. Да гледаш како се развиваат, како создаваат сопствени брендови, отвораат ателјеа и ги реализираат своите соништа – тоа е, без сомнение, најголемата награда.
Дали кога почнувавте помислувавте дека ќе дојдете до оваа бројка или само сакавте да одите чекор по чекор?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Искрено, никогаш не се водев според бројки. За мене секогаш бил поважен самиот пат – процесот во кој се раѓаат идеи, се реализираат цели и се поставуваат визии за иднината. Секако, убаво е да се сознае дека зад нас се веќе триесет изданија, но она што вистински вреди е континуираното, смислено и одржливо градење на модната сцена.
Многу ми е важно државата, а и општеството во целина, да го препознаат потенцијалот на модата како дел од културната дипломатија и т.н. „soft power“. Имаме неверојатно талентирани дизајнери – им треба само мала поддршка и добро поставена стратегија. Доколку тоа се случи, резултатите нема да изостанат – модата може да биде и уметност, и економски ресурс, и национална гордост.
Кога ќе погледнете наназад, може ли да се сетите кое издание на Моден викенд Скопје најмногу ви се допаѓало, од кое сте биле најмногу задоволни, а кое не ги задоволило вашите критериуми?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Секое издание е своја приказна – со свои предизвици, успеси и поуки. Не можам да издвојам едно омилено, бидејќи секоја сезона за мене има посебна вредност. Таа е одраз на времето во кое сме живееле и тимот со кој сме го создале.
Понекогаш со носталгија се навраќам на дизајнерите кои, од различни причини, веќе не се дел од индустријата или кои ја надраснаа нашата платформа. Но, чувството на гордост доминира – токму на Моден Викенд Скопје многумина ги направија своите први чекори. Бевме нивниот почеток, и тоа инспирира.
А денешната генерација на млади дизајнери е навистина фасцинантна – самоуверени се, амбициозни, знаат што сакаат и одат кон тоа со ретка решителност. Тоа ми влева уште поголема верба во иднината на македонската мода.

Зошто му е потребен Моден викенд на Скопје?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Моден Викенд Скопје е многу повеќе од модна манифестација. Тоа е платформа каде дизајнерите, особено младите, добиваат простор да се изразат, да се претстават и да се поврзат со индустријата. Тоа е сцена на која се раѓаат имиња, се создаваат наративи и се гради културен идентитет.
За Скопје – и за Македонија – ова е значаен културен инструмент. Модата е дел од нашата национална ДНК, форма на комуникација и самосвест. Воедно, тоа е и економска алка: модната индустрија поддржува мали бизниси, ја стимулира креативната економија и отвора работни места.
Зад секоја колекција стои приказна за времето и општеството во кое живееме. Модата го раскажува тоа што зборовите понекогаш не можат.
Заедницата е мотото на 30. издание на Моден викенд Скопје. Зошто е одбрано ова мото?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Затоа што без заедницата – без сите луѓе што ја создаваат и ја поддржуваат оваа приказна – Моден Викенд Скопје не би постоел. Ние сме дизајнери, студенти, новинари, фотографи, модели, професионалци од бјути индустријата, партнери и, секако, нашата публика – луѓето кои веруваат во модата.
Мотото „Заедница“ е наш начин искрено да им се заблагодариме на сите што беа со нас во текот на овие години. Токму таа заедница му дава живот, смисла и вистински дух на ова издание.
Заедно создаваме простор каде модата не е само облека – туку јазик, дијалог и култура.
Многу македонски, но и странски дизајнери ја почнале својата приказна, дебитирале со своите ревии на Моден викенд Скопје. Каков е концептот за ова издание? Кои се гостите кои ќе се претстават од 25 до 27 април? Што ќе понуди јубиленото издание?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Ова издание го посветуваме на иднината – но со длабока почит кон нашите корени. Мотото „Заедница“ е наш компас, а целта – да создадеме сцена каде модата и уметноста се среќаваат, се надополнуваат и се инспирираат меѓусебно.
Особено сме горди на соработката со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), со кое ја организираме изложбата „Заедница“ – учество земаат 15 уметници кои преку своите дела го истражуваат поимот заедништво. Оваа симболична средба на модата и ликовната уметност е потврда за креативната синергија што ја негуваме.
Една од ѕвездите на програмата е ревијата на победниците од натпреварот Past2Future Fashion, кој се одржа во Белград, во организација на Metropolitan University и професорките Милица Слијепчевиќ и Лидија Јовановиќ. Ќе ни се придружат талентирани млади дизајнери: Тим Понгрец (Словенија), Доротеа Сушиќ (Србија), Јана Станишиќ (Србија), Хана Крнц (Словенија) и Инес Барич (Хрватска).
На програмата се и свежи, иновативни колекции на младите дизајнерки од Институтот Izet Curi: Дријона Кадриу, Ерона Фејзулаху и Блендина Катона, како и презентации на новите брендови Georgiya, Era Angela, Crius, А2 Ателје, студентите од Меѓународниот Балкански Универзитет, и дизајнерите Kali Rose, AlAparel на Наташа Карчева и Олгица Ѓоргиева.
Посебен фокус ќе биде ставен на одржливоста преку серијата јавни дискусии – Public Talk Marathon, каде ќе отвориме четири клучни теми поврзани со иднината на модната индустрија.
Сето ова не би било возможно без несебичната поддршка на нашиот генерален партнер УНИ Банка и нашите домаќини – Diamond Residence, и сите останати спонзори и пријатели на Моден Викенд Скопје.

Кои се Вашите идни планови? Дали веднаш, кога ќе се спушти завесата на 30. издание, се планира новото, есенско?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Работата на следното издание почнува додека тековното сè уште трае. Веќе активно ги поставуваме темелите за есенското издание, но и за пролетната сезона во 2026 година. Во модната индустрија нема простор за пауза – идеите постојано доаѓаат, а нашата задача е да ги претвориме во реалност.
Секоја сезона носи нови предизвици, нови соработки и нови можности за младите таленти. Нашата мисија е јасна: континуитет и професионализација на модната сцена во Македонија.
Во сите изданија сте во чекор со времето, отворате дискусии, зборувате за одржлива мода, ги следите трендови, не станува збор само за ревии на нови колекции. Тоа го наметнува начинот на живот, професијата, модата воопшто?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Модата одамна ја надмина својата примарна функција на визуелна уметност. Таа стана глас на времето, огледало на општеството и средство за изразување ставови. Токму затоа чувствуваме одговорност не само да прикажеме нови колекции, туку и да иницираме значајни теми.
Public Talk Marathon е токму таква платформа – место каде се зборува за етичка мода, реупотреба и редизајн, циркуларна економија, загадувањето на водите, како и културните димензии на модата. Ќе ни се придружат инспиративни лидери и експерти како Александра Филипова, дизајнер и креативен директор на BlackBello; Даниела Милошеска, основач и креативен директор на Bastet Noir; Ирина Тошева, моден дизајнер и едукатор за одржливост; Наташа Сивевска, извршен директор на Трговската асоцијација за текстил – Текстилен кластер; Сара Стојчевска, моден психолог; Дамјан Ристовски (Народни носии); и Емилија Славкова, 3D моден дизајнер; Гордана Родиќ – SIEC; Ангела Бикова, основач на Upcycled by Bikova и многу други.
Моден Викенд Скопје е повеќе од моден настан – тој е платформа за дијалог, за освестување, и за дејствување. Простор каде и креаторите и публиката се слушнати.

Какво е вашето мислење за македонската модна сцена?
БОГОВА ЈОВАНОВСКА: Јас имам еден сон – да се создаде музеј или културен простор посветен на историјата на македонската мода. Тоа би било признание за сите визионери, дизајнери, шивачи и занаетчии кои ја граделе оваа сцена низ децении. Тоа е начин да го зачуваме нивното наследство, да ги инспирираме идните генерации и да вложиме во едукација.
Македонската мода има душа. Има карактер и автентичност. Со малку повеќе системска поддршка, таа има потенцијал да стане силен амбасадор на културата на нашата земја. Модата е моќна, тивка сила – soft power – и време е да ја препознаеме и искористиме таа сила.
Разговараше: Александра М. Бундалевска