Skip to main content

Обичаите што мора да се испочитуваат трите дена пред Велигден

Во тек е последната седмица пред Велигден (Пасха), Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание). Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа. 

Утре, на Велики четврток си спомнуваме за Тајната вечера и сè што се случувало тогаш – подготовката, миењето нозете на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата. На тој ден Исус Христос ја востановил светата тајна на причестување во облик на леб и вино што го претставуваат телото и крвта Господово. На Велики четврток се служи литургија на Василиј Велики. Вечерта има бдеење и се читаат 12 евангелија за Христовите страдања.

На Велики петок нема литургија. Тоа е најжалосниот ден за христијаните бидејќи Исус Христос бил осуден и распнат на крст. Во времето на смрттта на Синот Божји земјата се затресла, Сонцето се помрачило, а завесата во ерусалимскиот храм се искинала на два дела. Наместо камбани, во црквите се до недела се слуша звукот на клепалото. Вечерта се изнесува плаштеницата која го означува посмртното облекување и полагање во гробот на Исус Христос и се служи опело. По обиколката околу храмот верниците минуваат под плаштеницата.

Велика сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста, исчекување пред Христовото Воскресение. На Велика сабота последниот ден од Велигденскиот пост се служи опело за Исус Христос. Во раните попладневни часови се служи литургија на Свети Василиј Велики. Во ерусалимскиот храм на Светиот гроб на Господ Исус Христос во кој претходно се изгасени сите свеќи и кандила се пали светиот оган што го прима ерусалимскиот патријах и потоа го пренесува на народот.

Поврзани вести