
Патниот правец Крушево – с.Долно Дивјаци – с.Кочиша е небезбеден за сообраќај и претставува опасност за нормално одвивање на сообраќајот. Од 04.4.2025 година е затворен за секаков вид на сообраќај. АМСМ денеска информира дека може да се користат регионален пат с.Пуста Река – Крушево.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Според известување од Виадукт Треј Дооел – Гостивар од 09.04.2025 година (среда), ќе се врши реконструкција на дилатациони спојки на дел од автопатот Неготино-Велес (клучка Неготино), каде сообраќајот ќе се одвива во една сообраќајна лента во правец од Неготино кон Велес во времетраење од 15 дена.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 15.11.2024 е затворен за сообраќај за сите видови возила.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.