Skip to main content

Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ одбележува 34 години, Мицкоски повика на обединетост и вредноста на семејството

ВМРО ДПМНЕ

Важно е сите да бидеме како едно, затоа што тогаш никој ништо не може да ни направи. Кога сме раздвоени, кога сме поделени, тогаш сме лесен плен за предаторите. Затоа е многу важно да бидеме сите ние како едно, а тоа посебно важи за младите луѓе, порача денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на настанот организиран од Унијата на млади сили (УМС), по повод 34 години од формирањето на унијата.

Тој истакна дека исто така е важно, младите луѓе да бидат авангарда, каква што е, како што рече, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Можам да кажам дека денеска Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја води Македонија, ги води процесите во Македонија. И јас сум убеден дека голем дел од вас и во иднина ќе продолжат тие процеси да ги водат, дали на локално ниво, дали во рамките на централното ниво. Јас сум пресреќен кога гледам вака мотивирани луѓе коишто се подготвени да го преземат тој предизвик и да се соочат со тие предизвици на дневно ниво и да ги решаваат, потенцираше Мицкоски.

Тој до младите испрати уште една порака, посочувајќи дека за секој еден млад човек убава е комоцијата во животот, секој еден млад човек сака да прошета, да излегува, да другарува, да стекнува нови пријателства, но дека многу важна работа и вредност е и семејството.

Во животот стекнуваме вредности и тие вредности понатаму ние ги пренесуваме на тие коишто нас не наследуваат, а една од тие важни вредности е и семејството. Денеска современиот патриотизам е и љубовта кон Македонија и сето она коешто е поврзано со Македонија е и иднината на Македонија како држава, но и иднината на еден од најмалку бројните народи во Европа, а тоа е македонскиот народ заедно со останатите граѓани кои што живеат денеска во Македонија, зависи токму од таа вредност, од тој столб наречен семејство. Тоа е многу важно, затоа што ако имаме многудетно семејство и доколку млади почнеме да формираме семејство, тогаш нема подобар начин да го изразиме нашиот патриотизам и љубовта кон сопствениот народ и сопствената држава, посочи Мицкоски.

Тој потсети дека се во фаза на носење на закони, а дел веќе и се донесоа во основното и средното образование, поврзани со семејството како единствена вредност.

Тоа е она кое што е содржано во оние законски измени коишто ние ги имаме. Читанката, нема повеќе да биде јас, мама и тато, туку ќе биде јас, мама, тато, дада и бато. Тоа е многу важно, затоа што кога мене ќе ме прашаат кои се мерките кои вие ги носите во насока на подобра демографија, во насока на подобри и помногубројни семејства, тогаш мојот одговор е тука, додаде Мицкоски.

Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов денеска на настанот истакна дека членството во УМС е силно мотивирано. Тој рече дека УМС е со јасна визија за младите, а нивен приоритет е реализација на многу проекти од суштинско значење за младите луѓе

Ние сме една организација најбројна во државата која обединува млади луѓе со иста идеја и ние сме многу силно мотивирани и навистина сакаме да го реализираме она за коешто сме собрани денес, но ниеден наш труд и ниедна наша масовност и ниеден наш ангажман тоа не може да го направи да биде во реализација доколку ја немаме поддршката од сениорските структури, доколку немаме претседател каков што имаме на партијата а тоа е претседателот Христијан Мицкоски, рече Попов.

Поврзани вести