
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на ставовите на СДСМ дека „Алта банка“ ќе пропадне и дека во банката нема кеш, изјави: Да, можеби треба да внимаваме на сите оние пораки коишто доаѓаат од опозициската СДСМ, бидејќи искуството досега вели дека, без исклучок сѐ е невистина. Тргнете наназад од тоа дека ќе банкротираме, преку мигрантите, па сѐ до овој случај на „Алта банка.
Јас сум свесен дека кај нив Фројд работи дури и додека сонуваат и се обидуваат овие хорор соништа коишто ги сонуваат, да ги пренесат на граѓаните, но имам чувство, често пати се повикувам на моите чувства дека нивниот сон нема да биде и реалност, односно јаве. И дека тоа што го работиме и тоа што го сработивме изминатиов период ќе резултира со нов сопственик на „Стопанска банка Битола“ и дека сѐ ќе биде онака како што треба. Впрочем, доказ за тоа е и континуираното ослободување од, би рекол мерките коишто беа применети на самиот почеток. И дали имало или нема кеш, јас ве повикувам да појдете во некои од филијалите да ги прашате граѓаните коишто одат таму и коишто подигнуваат тоа што им припаѓа, да ги прашате нив дали има кеш или нема кеш. Јас не можам да одговорам, бидејќи немам сметка во „Стопанска банка Битола“ – истакна премиерот Мицкоски.

Македонски



