Skip to main content

Предлог-буџетот за 2027 е насочен кон економски раст и стабилни јавни финансии, тврди министерката за финансии

Предлог-буџетот за 2027 година претставува продолжување на определбата за одговорна фискална политика, економски раст и подобрување на квалитетот на јавните услуги – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која денеска го презентира најзначајниот документ на економската политика пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според министерката за финансии, со предлог-буџетот за 2027 година обезбедени се средства за редовно функционирање на институциите, исполнување на обврските кон граѓаните, поддршка на стопанството и реализацијата на капиталните инвестиции.

Истовремено, остануваме посветени на постепената фискална консолидација, подобрувањето на наплатата на приходите и рационализацијата на расходите, со цел да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии. Нашата цел е секој денар од јавните средства да биде искористен наменски, транспарентно и ефикасно, со јасен ефект врз економијата и квалитетот на живот на граѓаните. Не е доволно само да планираме стабилни јавни финансии – наша обврска е тие да ги претвориме во видливи резултати, развојни инвестиции и подобри услови за живеење на граѓаните – порача Димитриеска-Кочоска.

Додаде дека приоритет на Владата останува постепената фискална консолидација, рационалното и ефикасно трошење на јавните средства, подобрата наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции.

Основната цел е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно усогласување со воспоставените фискални правила, без притоа да се доведе во прашање редовното извршување на обврските на државата и финансирањето на приоритетните политики. Со овој буџет продолжуваме да градиме економија, која се потпира на инвестиции, продуктивност, конкурентност и стабилни јавни финансии. Нашата цел е стабилноста на јавните финансии да не биде сама за себе цел, туку основа за посилна економија, повеќе инвестиции, подобри јавни услуги и повисок животен стандард за граѓаните – рече Димитриеска-Кочоска.

Нагласувајќи дека неизвесноста во меѓународното окружување, како и високите и променливи цени на енергентите на светските берзи и натаму претставуваат ризици за домашната економија, министерката за финансии оцени дека сепак и во вакво меѓународно опкружување, домашната економија продолжува со позитивни трендови. Така, како што посочи, во вториот квартал од годинава економската активност забележала реален годишен раст од 4,3 наспроти 3,1 % во првиот квартал.

Во 2027 година се очекува продолжување на позитивните економски движења и реален раст на БДП од 3,8 %. Главен двигател на растот повторно ќе биде домашната побарувачка, пред сè преку засилената инвестициска активност. Бруто-инвестициите се проектирани да забележат реален раст од 6,8 %, поддржан од продолжувањето на големите инфраструктурни проекти, инвестициите во енергетиката, обновливите извори на енергија, здравството, образованието и земјоделството. Се очекува продолжување на инвестициската активност на домашните претпријатија, како и прилив на нови странски директни инвестиции и проширување на капацитетите на постојните инвеститори – рече Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари или 5,7 % повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8 % во споредба со 2026 година.

Даночните приходи се планирани на ниво од 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 % во однос 2026 година што, според министерката за финансии, се заснова на позитивните движења во економската активност, подобрената реализација на приходите годинава и унапредувањето на процесот на планирање и проектирање на буџетските приходи.

Кај расходите има зголемување на расходите за плати, кои се проектирани на речиси 57,2 милијарди денари, што е за приближно 3,4 милијарди денари повеќе во однос на последните проекции за 2026 година. Средствата, според министерката, се обезбедени за исполнување на постојната законска регулатива, обврските од склучените колективни договори и потребните нови вработувања, првенствено преку мобилност и преземање вработени во рамките на јавниот сектор.

Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 % од БДП.

Планираниот дефицит ја одразува потребата од обезбедување средства за реализација на приоритетните политики и исполнување на обврските на државата, вклучително и обврските што произлегуваат од членството во НАТО, со предвидените капитални вложувања во одбраната. Нашата определба е во среднорочен период да продолжиме со постепено усогласување со воспоставените фискални правила преку подобрување на наплатата на приходите, рационализација на расходите и зголемување на ефикасноста на јавните инвестиции – појасни Димитриеска-Кочоска.

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Целта на Владата, како што рече министерката за финансии, е овие средства да бидат насочени кон проекти што создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги.

За разлика од претходната практика, кога во рамките на капиталните расходи беа вклучувани и трансфери кон јавни претпријатија и други субјекти за тековно работење и други намени, кои по својата економска суштина не претставуваат директни капитални вложувања, сега се опфатени расходи кои навистина се однесуваат на инвестиции во инфраструктура, објекти, опрема и други капитални проекти. Со тоа се обезбедува пореална слика за обемот на јавните инвестиции и се овозможува нивно потранспарентно следење и споредување – рече Димитриеска-Кочоска.

Во однос на јавниот долг министерката посочи дека на 30 септември годинава јавниот долг изнесувал 56,6 % од БДП.

Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата 46,5 милјарди денари се за надворешен долг. В година, како што е познато, за отплата е еврообрзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на дефицитот и обврските планирано е домашно задолжување од 36,3 милијарди денари и дополнителни 60 милијарди денари за едногодишни државни хартии од вредност, кои достасуваат за отплата и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари – посочи министерката за финансии.

Димитриеска-Кочоска посочи дека предлог-буџетот не е само план на приходи и расходи, туку рамка во која се утврдени приоритетите и создадени услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните.

Нашата цел е секој денар од јавните средства да биде искористен наменски, транспарентно и ефикасно, со јасен ефект врз економијата и квалитетот на живот на граѓаните. Не е доволно само да планираме стабилни јавни финансии – наша обврска е тие да ги претвориме во видливи резултати, развојни инвестиции и подобри услови за живот на граѓаните – порача министерката за финансии.(МИА)

Поврзани вести